На 11 декември ЦИВИЛ потсетува на член 11 од Универзалната декларација за човекови права: Секој обвинет за кривично дело има право да се смета за невин се додека врз основа на законот, вината не се докаже на јавен претрес на кој му се обезбедени сите гаранции потребни за негова одбрана.
Никој не смее да се смета за виновен за кое и да е кривично дело поради дејство или пропуст кои не претставуваат кривичо дело по националното или меѓународното право во времето кога се извршени. Исто така не смее да се изрече потешка казна од онаа која се применувала во времето кога е извршено кривичното дело.
Пресумпција на невиност е еден од правните темели според кој, секој осомничен или обвинет за кривично дело, се смета за невин се додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен.
Согласно член 13 од Уставот на РМ, секој кој е обвинет за казнено дело се смета за невин, се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Европската конвенција за заштита на човековите права со ратификувањето стана составен дел од правниот систем на Македонија и позитивното право, и членот 6 од оваа конвенција се однесува на правото на правична судска постапка, во која е вклучена и пресумпцијата на невиност и гласи:
,,Секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата. Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сè додека неговата вина не се докаже по законски пат.”
ЦИВИЛ повикува да се одбележуваат сите денови во годината на сличен начин, односно секој прв ден од месецот да биде посветен на соодветен член во Универзалната декларација за човековите права и така со ред, до последниот Член 30 од Декларацијата.