Денес во светот се одбележува 20 јуни – Светскиот ден на бегалците. Годинава овој ден се одбележува под мотото „Секогаш и секаде, секој има право да се чувствува безбеден“. За жал, во моментов милиони луѓе во светот не се чувствуваат безбедни и стравуваат за своите и за животите на најблиските поради воените дејствија кои се одвиваат на териториите на нивните држави.
За првпат во историјата откако се бројат присилно раселените лица, оваа бројка надмина 100 милиони присилно раселени лица ширум светот, што е двојно зголемување за само 10 години.
Оваа година, од 24 февруари до 16 јуни, како резултат на целосната руска инвазија на Украина, 7,704 милиони луѓе ја напуштиле Украина, ѝ се придружија на оваа огромна група ширум светот.
Според Канцеларијата на високиот комесаријат на ОН, од 14 јуни бројот на Украинци кои заминале во странство по руската инвазија на Украина изнесувал повеќе од 7,5 милиони. Над 3,3 милиони бегалци од Украина добија статус на привремена заштита во Европската унија.
Според УНХЦР, во моментов , во Северна Македонија престојуваат преку 1 000 лица од Украина. Од нив, 243 лица имаат регулирано привремен престој заради хуманитарни причини. Сепак, никој од нив нема статус на заштита.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Народен Правобранител: Безусловно да се почитуваат човековите права и меѓународни стандарди
Предизвикот што оваа година го донесе, е дотолку поголем и заради глобалната економска криза во светот што се јави како последица на двегодишното затворање на границите и сменетиот начин на живеење заради пандемијата на вирусот Ковид-19, но и енормно поскапените цени на прехранбените ресурси, како и нафтата и гасот.
Токму во овие тешки и кризни премрежја од несогледливи размери, хуманоста и човечноста кон оние на кои тоа им е најпотребно треба да надвладее. Во оваа смисла како Институција која континуирано го следи постапувањето кон бегалците, ги повикуваме сите надлежни чинители безусловно да ги почитуваат човековите права и меѓународни стандарди, имајќи го предвид достоинството на овие лица и на тој начин покажувајќи ја својата хуманост и солидарност на дело, апелираше народниот правобранител Насер Зибери по повод Светскиот ден на бегалците.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БЕГ Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука за одземање на лиценцата за вршење енергетска дејност производство на топлинска енергија на компанијата Балкан енерџи ДООЕЛ – БЕГ.
ПОСЕТА Претседателката на Владата на Република Финска, Сана Марин пристигна во еднодневна работна посета на Република Северна Македонија.
Премиерката Марин во Владата на Република Северна Македонија ја пречека премиерот Ковачевски, кој со претседателката на Владата на Република Финска, согласно агендата, имаа тет-а-тет средба.
Ковачевски и Марин потоа ќе им се придружат на делегациите на двете Влади на билатерална средба на која од наша страна ќе присуствуваат Бојан Маричиќ, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, министер за надворешни работи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
ГОВОР НА ОМРАЗА Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на непримерната комуникација на Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, преку која јавно се омаловажуваат новинари што известуваат за билатералниот спор со Бугарија.
СОЛИДАРНОСТ Под мотото „Возиме за бегалците“ и со велосипедска тура во Градскиот парк во Скопје и на кејот на Вардар, бројни институции и здруженија денеска го одбележаа Светскиот ден на бегалците.
ЦИВИЛ
Соопштение: Уште еден упад во седиштето на ЦИВИЛ, трет инцидент за пет години
Седиштето на ЦИВИЛ беше мета на упад меѓу 18 и 20 јуни. Провалниците ја искршиле вратата на задниот влез во седиштето на организацијата, го онеспособиле алармот и двете камери и го земале интернет модемот. Очигледно, провалниците најмногу се интересирале за архивата на организацијата. Ги пребарувале документите во фасциклите со архивски материјали и финансиска документација. Направена е и видлива материјална штета.
Ова е трет поголем инцидент во последните пет години чија мета е ЦИВИЛ.
„Не сакам да прејудицирам, барем додека трае истрагата, но сакам да ја искористам оваа прилика уште еднаш да ја потсетам јавноста и институциите на големите предизвици со кои се соочуваат прогресивните организации и редакции. Што се однесува до документацијата, ние немаме тајни. Сите податоци за нашето работење се јавни, доволно е да се отворат нашите интернет портали, а отворени сме и за секое дополнително прашање. Нема потреба да се провалува, освен ако целта не е да се упати поинаква порака“ – напиша претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Од 24 февруари до 16 јуни, 7,704 милиони луѓе ја напуштиле Украина, а 2,559 милиони се вратиле, објави Министерството за внатрешни работи на Украина на Телеграм, на Светскиот ден на бегалците кој се одбележува на 20 јуни, назначен со резолуцијата на Генералното собрание на ОН, пренесува Укринформ.
*
Министрите за надворешни работи традиционално се состануваат во Луксембург, неколку дена пред јунскиот ЕУ самит, на дневен ред пред сѐ војната во Украина и последиците врз гладот во светот.
*
Утре започнува навистина историска недела. Недела кога ќе слушнеме одговор од Европската Унија за кандидатскиот статус за Украина. Веќе имаме позитивна одлука на Европската комисија, а кон крајот на новата недела ќе има одговор и од Европскиот совет. Мислам дека на сите им е очигледно дека од 1991 година имало малку такви судбоносни одлуки за Украина како онаа што ја очекуваме сега. И јас сум убеден дека само позитивна одлука е во интерес на цела Европа, изјави Зеленски.
ПРОПАГАНДА
Раѓеновиќ: Пропагандната завеса на социјалните мрежи е далеку поштетна од онаа на Советскиот сојуз
„Сега пропагандите се проектираат преку социјалните мрежи и таа завеса на социјалните мрежи е далеку поштетна од онаа што ја имавме во Советскиот сојуз. Луѓето се идентификуваат со кампови на информации кои слушаат и го примаат она што им одговара. Многу е тешко да се дојде до вистината“, вели аналитичарот Иво Раѓеновиќ за ЦИВИЛ Медиа.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ништо суштинско, ништо важно и ништо ново не беше кажано на партискиот митинг на вмро на 18 јуни. Со недели се организираше една скапа журка на Мицкоски, само за да „дознаеме“ дека тој „копнее“ секој ден по поддршката од народот. Која ја нема. Стручните проценки од полициски извори говорат дека едвај 12.000 луѓе биле на митингот. Други велат дека имало меѓу 13 и 17 илјади. Се разбира, според вмро, имало неспоредливо многу повеќе луѓе. А градоначалниците (42 на број) не го фермаат Мицкоски ни 3%.“, прочитајте во Рафалот од Џабир Дерала „На Мицкоски му е премногу. Пак!“
Д. Тахири












