Во центарот на Москва вчера се собраа повеќе од 40.000 луѓе во знак на поддршка за упасениот опозициски лидер Алексеј Навални.
Протестите беа организирани во повеќе градови низ Русија, а некои медиуми наведуваат дека се уапсени околу 1.090 луѓе, меѓу кои и Љубов Собољ, блиска соработничка на Навални и член на неговиот адвокатски тим.
Полицијата употребила сила на протестите, а демонстрантите одговориле со фрлање снежни топки.
Над 200 демонстранти се приведени во рускиот Далечен исток и во Сибир, а невладината организација ОВД-Инфо, која ги следи политичките апсења, соопшти дека најмалку 48 луѓе се уапсени на денешните протести во Владивосток и Хабаровск.
На протестите и околу 300 малолетници се приведени, изјави советничката на рускиот претседател за детски права, Ана Кузњецова.
– Според прелиминарните податоци, вкупно се притворени 300 малолетници во различни руски региони. Во Москва таа бројка изнесува околу 70, а во Санкт Петербург околу 30 деца, напиша Кузњецова на својата веб страница.
Само во центарот на Москва се собраа повеќе од 40.000 демонстранти, кои на тој начин сакаа да му дадат поддршка на Навални.
Навални, најголемиот политички противник на рускиот претседател Валдимир Путин, е уапсен на 17 јануари при враќањето од Германија на аеродромот Шереметјево во Москва, каде што пет месеци се лекувал од труење со нервни агенси.