Не знам дали го видовте надојдениот Вардар. Како и секогаш, а надојде, вади на површина секакви работи. Пловат пластични шишиња, кеси, пловат фотелји, троседи, мртви животни, шпорети, фрижидери…Настрана меките пловни објекти, „браон јахтите“ кои, низ цевките и шахтите, да го парафразирам националистичкиот рокер Бора Чорба, се влеваат во него, а надојдениот Вардар секогаш ги вади најгоре на површината.
Туку, остај Вардар надојден и секаквите пловни објекти по него. Исто така, не знам дали сте приметиле, нешто има проблем со изведбата на канализацијата кај плоштадот. Таму и онака, освен на кич и стиропор, смрди постојано на фекалии. Ама кога Вардар ќе надојде, смрди уште повеќе.
А не е еднаш или двапати. Тие работи што пловат по реката, тоа што смрди, не паѓа од небото. Ги прават луѓе, што живеат меѓу нас. Ги делиме истите улици, истите пазари, автобуси, продавници, некои дури и се насмевнуваат, не поздравуваат, си честитаме празници…Ама, штом Вардар надојде, гледаме дека тоа се…сосем други луѓе.
Не знам дели се разбравме, драги мои. Тоа што плови по надојдениот Вардар, целата таа смрдеа, која не ја засмрдува само реката, кејот, туку ги засмрдува плоштадите, улиците, нашите животи, е огледало на нашата душа. Треба да почнеме сериозно да се зафатиме со заштитата на човековата средина. Многу смрди. Маќедонија, чиста да е!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.