ВЕСТ НА ДЕНОТ
Бугарија никако да состави влада, нови избори наесен, третпат годинава
Пропадна обидот за состав на нова влада во Бугарија, еден месец по изборите и единствениот резултат по се изгледа е организирање трети парламентарни избори оваа година наесен, објави државната МИА.
Во последниот ден пред очекуваното гласање денеска на предлог-кабинетот на Пламен Николов во парламентот, политичката партија која победи на изборите во јули – „Има таков народ“ остана сама во поддршката за него откако БСП и Демократска бугарија одбија да дадат гласови за поткрепа.

„Разочаран сум не на личен план, туку за државата. Ги разочаравме луѓето што не можевме да ја реализираме идејата да направиме единство, како што е напишано на оваа зграда, токму кога на нашата земја и е најпотребно“ – изјави Николов.
Според него, наведените први приоритети поврзани со Планот за закрепнување и одржливост, мерките против кризата со Ковид-19 и усвојувањето на новата буџетска рамка остануваат неисполнети.
ДЕН НА МЛАДИТЕ
ЦИВИЛ им го честита Денот на младите, со порака дека е секогаш со и за младите, во секоја нивна битка
„На младите мора да им се овозможи, по секоја цена, да си ги остварат своите права и слободи, да имаат квалитетно образование, богат и креативен културен живот, здравство и можности за вработување и напредување“ – се вели во денешното соопштение на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на младите.

Воедно, ЦИВИЛ ги потсети институциите на државата и локалната самоуправа и политичките партии дека имаат обврска да ги заштитат младите од политичките злоупотреби, црната пропаганда и дискриминацијата.
КОВИД-19
Неколку важни прашања и одговори за состојбите со Ковид-19 во нашата земја: Дијагностицирани 30 лица со Делта варијантата од Ковид-19, но се очекува брз пораст, сертификат само за вакцинирани со две дози
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Апсолутно сум убеден дека со заеднички напори на сите надлежни општествени субјекти можеме да помогнеме во отворањето на нови можности и создавањето на позитивна атмосфера, со цел, младите да станат активен дел од важните општествени процеси. Заеднички да се обидеме да се оттргнеме од летаргијата, апатијата, демотивираноста и да отвориме нови перспективи, простор за нови идеи преку кои ќе ја канализираме младинската енергија“, изјави Претседателот Стево Пендаровски на промоцијата на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите“, што се одржа по повод 12 август – Меѓународниот ден на младите.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МЛАДИ И ПРАВА Младински образовен форум ја презентираше студијата „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Според студијата, 69 проценти од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина (27 отсто) кои биле консултирани на локално или национално ниво. Бројот на испитаници кои никогаш не биле консултирани се намалил за 15 отсто во споредба со истражувањето од 2019 година, што претставува подобрување.
ОБРАЗОВАНИЕ Концепцијата за основно образование, која овој март беше усвоена по четири месеци дебати и полемики, ќе се применува со стартот на учебната 2021/2022 година. Најпрво во прво и четврто одделение, за кои наставните програми по сите предмети се веќе изработени, а потоа етапно и во другите одделенија.
ГУЖВА ЗА ВАКЦИНИ Бројот на аплицирани дози вакцини во земјава надмина милион. На вакциналните пунктови и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 561.912 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.914 граѓани, а вкупно се вакцинирале 16.020 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.016.700 дози вакцини, а ревакцинирани се 454.788 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
ФИНГЕРПРИНТ АПАРАТИ Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша договорот со германската компанија „Дермалог“, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти, системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Договорот е во висина од околу 11 милиони евра. Првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври годинава во земјата треба да пристигнат на 25 август.
ПОПИШУВАЧИ Јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите завршува денеска. Конкурсот беше отворен на 20 јули и првично требаше да трае до 5 август, но поради летните одмори беше продолжен до 12 август.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Наместо да направат нешто навистина корисно во овие тешки мигови, арамиите од политичкиот подрум измислуваат и шират дезинформации. Само во еден ден излегоа со најмалку две дезинформации, онаа со стари слики од Пакистан, божем кај Пехчево, и уште погрдата кампања за украдена моторна пила и водна пумпа од австриските пожарникари. И тоа, се разбира, ѝ се припишува на владата. Што значи дека ниту еден нивни човек не е на терен, на фронтот со огнот“ – пишува Џабир Дерала во својот Едиторијал, под наслов „Пожар што не се гаси со вода“.














