Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека презел правни чекори за спречување на, како што наведува, „грубиот и безобразен упад во синдикалното организирање на вработените во високото образование“. За активностите на НАкС, средбата со министерот за образование и следните чекори, ЦИВИЛ Медиа разговараше со професорката, Мирјана Најчевска.
„Целокупното финансирање на високото образование во изминатите 30 години било незаконско. Се базира на некој акт од 1988 година, на самоуправна интересна заедница, која не постои, која била формирана врз основа на закон кој не постои, врз основа на Устав кој не постои, во држава која веќе не постои“, изјави професорката Најчевска.
Најчевска вели дека она што тие го бараат и очекуваат е пред сè да се постапи согласно Законот, да се формира Националниот совет, кој би требало да ги изгради критериумите за финансирање на високото образование и во меѓувреме да се склучи колективен договор којшто би овозможил заштита на вработените во високото образование од самоволието на државните структури.
„Донесено е решение за покачување на платите во високото образование за 10%, тоа е влезено во буџетот и, одеднаш, министерот за образование утврдува дека не може да се изврши таа исплата доколку не се потпише колективен договор. Тоа не е вистина! Може во државата воопшто да нема синдикат, бидејќи тоа е доброволно здружување. Тоа не значи дека на луѓето нема да им се покачат платите никогаш затоа што нема синдикат којшто би потпишал колективен договор“, вели Најчевска.
Најчевска вели дека наместо да се најде соодветен начин сетоа тоа да се реши, министерот заедно со ректорите на јавните универзитети се договориле дека наједноставен начин е тие да си формираат некаков квази-синдикат, на брзина, за пет дена.
„Да го регистрираат тој квази синдикат и со него да се потпише колективен договор кој ќе содржи само еден единствен член, а тоа е, еднократно покачување на платите во високото образование за 10 проценти“, додава таа.
„Значи, никаква заштита на правата, никакво подигнување на нивото на заштита во однос на она што е во Законот, туку само еден техникум којшто навидум е беневолентен меѓутоа во суштина значи прекршување на членот 195 од Законот за работни односи со кој што се забранува мешање на работодавачот во работењето на синдикатот, а ректоратот е наш работодавач. Потоа се забранува искористување на државната администрација во структуирирањето на синдикатот, целокупната ректорска администрација работи на прибирање потписи од луѓето за формирање на тој синдикат, се загрозува доброволноста на синдикалното здружување, затоа што ова е здружување под закана, а ако не го направите синдикатот нема да добиете 10 проценти покачување. Дезавоирање на сета работа на Независниот академски синдикат, кој веќе изработи колективен договор за кој може да се разговара и околу кој пробавме да разговараме и многу успешно го правиме со СОНК, значи друг гранков синдикат кој постои во државата и по покрива образованието на еден многу поширок план и со кој што веќе има шанси заеднички да настапиме“, вели Најчевска.
Во однос на тоа кои се следните активности и планови за понатаму, Најчевска вели дека тие мислат да ја радикализираат работата и дека веќе се известени другите синдикати во околните земји и меѓународната организација на трудот.
„Веќе почнуваат да стигнуваат предупредувања дека тоа што се случува е апсолутно кршење не само на Уставот туку и на Меѓународно ратификувани документи на РСМ и дека тоа ќе има многу негативни реперкусии во она што претставува наши понатамошни процеси на пристапување кон ЕУ, посебно што и синдикалното организирање, посебно слободата на здружување се спомнати во извештаите и е таму искажана грижа дека тие не се на соодветен начин заштитени односно дека власта си дозволува различни упади во тој простор“, додава Најчевска.
Маја Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Владимир Перчуклиевски