Независниот академски синдикат (НАкС) денеска испрати барање за средба со Влатко Ѓорчев, претседател на Комисијата за труд и социјална политика, пред одржувањето на закажаната седница на Комисијата во 14.00 часот, со цел да ја образложат уште еднаш важноста од усвојувањето на Законот за дополнување на Законот за исплата на платите во РСМ по скратена постапка.
„Одговор на нашето барање не добивме, а во меѓувреме седницата на Комисијата повторно е одложена“, велат од НАкС.
„Апелираме уште еднаш за итно закажување на расправа во матичната комисија, со што ќе се откочи процедурата за усвојувањето на Законот кој предвидува покачување на платите во високото образование од 10%. Доколку тоа не го стори претседателот на Комисијата, г. Влатко Ѓорчев, бараме од претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, согласно неговите надлежности, да ја закаже седницата на Комисијата за труд и социјална политика.
Потсетуваме уште еднаш дека доколку Собранието не го изгласа Законот пред да се распушти, ќе стане јасно дека ветеното покачување на платите во високото образование претставува само предмет на предизборни партиски надмудрувања, кои се прекршуваат врз грбот на вработените во високото образование“, соопштува НАкС.