Во фокусот на денешниот ден е трагичниот настан во кој почина 21 годишниот Никола Саздовски кој пред десетина дена беше брутално претепан.
ЦИВИЛ-Центар за слобода најостро го осудува секој вид на насилство, особено меѓу младите кои се жртви на политиките кои ги водат претставниците на народот. Ги повикуваме институциите совесно и чесно да ја исполнат својата должност и сторителите виновни за смртта на 21 годишното момче Никола Саздовски да бидат строго санкционирани според законот.
Премиерот Зоран Заев денеска упати апел за воздржување од говор на омраза и разгорување нетрпеливост по смртта на Никола Саздовски. „Омразата и насилството не и прилегаат на Македонија и одат на директна штета на нашата иднина и на нашата младина. Апелирам сите да се воздржиме од говор на омраза и од разгорување нетрпеливост. Само така, ќе им дадеме можност на институциите да си ја завршат својата работа, за што се платени од граѓаните“, истакна Заев.
Од останатите вести, шефот на македонската дипломијата Никола Димитров на денешната дебата, што се одржа во рамки на Самитот „ЕУ-Западен Балкан“ во Лондон, на тема „После Берлин: Што носи следната декада за Западен Балкан?, нагласи: „Заслужуваме чиста одлука за почеток на преговори, но политиката е уметност на можното и ќе сториме сè што можеме, ќе вложиме максимален напор за да одиме напред“.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, непосредно пред самитот на НАТО во Брисел потенцира дека следните два дена Македонија ќе седне на иста маса со светските велесили, и дека од 2008 година граѓаните видоа што значи да се живее во несигурна држава и во нестабилен регион.
Ниту денеска нема изгледи за надминување на проблемите меѓу власта и опозицијата за кончен избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК).
Потребно е усогласување на политичките партии во Собранието за неопходните постапки за успешен избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК), апелираше денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за избори и именување Илија Димовски.
„Покрај оние фази за донесување на одлука за објавување на конкурс што се завршени, следуваат неколку фази што треба внимателно да се спроведат. Првата фаза е утврдување на прочистена листа на кандидати, односно апликанти кои ги исполнуваат условите. Тоа треба да го напреави Комисијата за прашања за изборите и именувањата каде што, како што знаете, дека е Комисија раководена од страна на опозицијата, но има и комплицирано мнозинство, а тоа се шест члена на ВМРО -ДПМНЕ, шест члена на СДСМ и еден пратеник на БЕСА на Билал Касами“, информираше Димовски.
Во однос на барањата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски за амнестија на осудените од настаните од 27 април во Собранието на РМ, Димовски рече дека тоа не е условот на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека таа постапка не е поврзана за постапката за формирање на ДИК.
Д.М.