Categories

ЗНАМЕ НАТО се реши, остануваат ЕУ и домашните проблеми

Владата реши членството во НАТО да го обележи со свечена церемонија по повод подигнувањето на знамето на НАТО. На свечената церемонија присустваа сите министри и високи функционери, партиски лидери и пратеници. Видливо беше отсуството на претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов. 

Од Владата известија дека Иванов бил уредно поканет и покрај информациите што излегоа од претседателскиот кабинет дека до нив не стигнала никаква покана.

Церемонијата започна со предавање на знамето на командирот за почести, кој со интонирање на химната на НАТО, знамето го постави на јарбол до македонското знаме.

Говорот на премиерот траеше околу 30 минути во кој, освен значењето да се биде 30-та членка на НАТО, содржеше и идни реформски планови на патот кон ЕУ, визија за иднината на Македонија, предпредување до сите коруптивни системи во државата, како и образложување за промената на името.

Исто така, Заев не остана должен ниту кон претходните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров, па им се заблагодари за нивните заложби за безбедна Македонија, но и на грчкиот премиер Алексис Ципрас за постигнувањето на Преспанскиот договор.

„Огромното мнозинство на граѓани беше непоколебливо за членство во НАТО. Вие, почитувани граѓани, од првиот ден на независноста, ја препознавте улогата на НАТО како најголем гарант за надминување на опасноста од дестабилизација и распад на државата. Таа опасност е веќе минато… Ние, со нашата мирољубива политика, ќе докажеме дека членствотово НАТО е најдоброто решение за стабилноста на земјата и стабилноста на целиот регион“, истакна Заев.

„Во тек се и уште повеќе ќе се интезивираат системски промени во однос на тоа како функционираме и како институции и како општество. Нашиот правен систем мора да дели правда еднакво за секого, без оглед на етничко потекло, финанскиски статус или политичка припадност. Нула толеранција за корупција! Во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат довербата за лични интереси и привилегии. Корумпираните ќе се соочат со одгворност“ – порача Заев.

Во говорот на Заев имаше простор и за европските перспективи на земјата. Заев истакна дека и Владата и пратениците допрва ги чека работа во спроведување на реформите и дека не очекува од Европа да биде попустлива.

„Ќе се соочиме со силен мониторинг, но знам дека, со нашата подготвеност и решителност, ќе успееме да ги завршиме сите обврски и задачи што сме ги презеле, не поради Брисел, туку поради нас самите“ – рече Заев.

По решавањето на НАТО, премиерот вети и светла европска иднина на Република Северна Македонија.

Биљана Јордановска (текст, фотографија, монтажа)
Камера: Ариан Мехмети

Print Friendly, PDF & Email