пишува: КОСТА СТОИМЕНОВСКИ
Повод: Писмото на г. Цветан Таневски-Цони – „Фени од Кавадарци – еден од најпрофитабилните во Европа“, објавено во „Нова Македонија“ од 19 јуни 2019 година.
Белешка од Редакцијата: Според Авторот, овој текст го понудил на Нова Македонија за објавување во текот на минатиот месец, но не бил објавен. Авторот побара од ЦИВИЛ Медиа да го објави во овој текст, со цел да му биде овозможено правото на одговор.
Му благодарам на г. Цветан Таневски-Цони (Ц.Т-Ц.) за репликата на мојот напис „Изградбата на ФЕНИ беше голем апсурд“ со што ми овозможи да дообјаснам некои важни работи кои одат во прилог на ваквиот мој став.
Во времето на социјализмот, Социјалистичка Република Македонија мошне доследно спроведуваше развојна политика базирана на познатиот економски модел на Ленин за индустријализација, со тежиште на развојот на екстрактивната и тешката индустрија. Оваа концепција се покажа целосно погрешна бидејќи тогашната нашата земја не располага ни со минерални ни со енергетски ресурси! Многу ми е жал што г. Ц.Т.-Ц не ја разбрал или не сака да ја разбере поучната „приказна“ за Словенија, која порано, а и сега ја водат мудри државници, кои се заслужни за тоа што од ООН е прогласена за најодржлива земја во светот! Во спомнатиот мој напис направив споредба меѓу африканските земји, кои се богати со минерални суровини и земјите од југо-источна Азија (ЈИА), кои се сиромашни со минерални и енергетски ресурси, но, со насочувањето на развојот на третата и четвртата индустриска револуција постигнуваат импресивни резултати. Земјите од ЈИА се развиваат мошне брзо и се стекнаа со епитетот „економски тигри“, додека африканските земји тонат во сиромштија!
Како стручњак од обалста на техничките науки, г. Ц.Т.– Ц. дава прецизни податоци за цената на никелот на светските берзи за што многу му благодарам. Во мојот напис е наведено дека цените на никелот варираа меѓу 5.000 и 20.000 долари по тона, а тој прецизно наведува дека спомнатата цена варирала меѓу 3.300 и 20.000 долари! Пресметал дека за изградбата на ФЕНИ се потрошени пари кои сега би биле еквивалентни на 1 милијарда и 960 милиони долари! Што би направиле паметни државници со толку многу пари? Сигурен сум дека не би се определиле за изградба на таков апсурден мега проект како што е ФЕНИ, кој е преголем „залак“ за мала, и неразвиена република каква беше СРМ? Господинот Ц.Т.-Ц. не кажува колку долго траела изградбата на ФЕНИ, каква полза има Македонија од работењето на „еден од најпрофетабилните во Европа“, зошто се увезува руда, ниту колку струја троши годишно? Познато е дека околу овој контраверзни проект се „препукуваа“ два политички клана во Македонија, предводени од учител и претседател на пријателите на шумите.
Во својот напис г. Ц.Т.-Ц. изнесува многу хипотетични податоци за билансите, за профитот, односно за загубате од (не)работењето на ФЕНИ, за цените, за количините и за слични аспекти, се со цел да ја брани апсурдната одлука на политичарите за изградбата на овој контраверзен мега проект! Зборува за „аларми“, за „стрмоглави пресврти“ на цените на никелот на светските берзи, но, очигледно не му е јасно кој, зошто, како и кога ги режира овие пресврти?
Ваквите „стрмоглави“ промени на цените на берзанските стоки се сосема нормална појава во светската економија во која главна улога играаат мултинационалните корпорации! Анализите на мериторни светски институции покажуваат дека од 100 најголеми економски субјекти во светот, само 30 се држави, додека 70 се мултинационални корпорации. Многу банки; меѓународни организации, хеџ- фондови и слични институции располагаат со баснословни суми пари, кои, поради ниските каматни стапки, не ги држат во банките, туку ги оплодуваат со нивното инвестирање во неразвиени земји, кои располагаат со минерлни ресурси и со постојани манипулации со нивните цени на берзите остваруваат астрономски профити!
Со приказната за рапидниот пораст на цените на никелот и за „Југословените кои се будали затоа што не го активират производството на никел“, пренесена преку директорот на железарницата „Дуги Рат“ и објвена во загрепски „Вјесник“, американските банкари го намамија ФЕНИ да го обнови производството на никел, а потоа махерите на мултинационалните корпорации „стрмоглаво“ ги обараат“ цените на никелот или на која било друга берзанска стока и по багателни цени ги купуваат истите и ги складираат во депоа, а проблемите околу производството им ги оставаат на производителите, кои земаат кредити и се задолжуваат кај банките, а на крајот го запираат производството!
Откако ќе ги наполнат депоата со берзански стоки, махерите од мултинационалните корпорации смислено создаваат недостаток од истите и на берзите ги продаваат по енормно високи цени, остварувајќи баснословни профити, на штета на неразвиените земји со наивни, неуки и корумпирани политичари! Колку се вешти менаџерите на разни банки, хеџ-фондови и слични институции ќе го наведам случајот со познатиот германски тенисер Б. Бекер, кој наседнал на приказната за огромниот профит од инвестиција во рудник за злато во Африка и го убедиле да ги вложи сите пари што ги заработил во својата спортска кариера, вклучувајќи и како тренер на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. На крајот Б.Б. остана со „прстот во уста“, а во ваквата незавидна состојба, на Б. Бекер му помогна Н. Ѓоковиќ!
За да дојде до подетални сознанија за тоа како функционира меѓународниот економски поредок, на г. Ц.Т.-Ц му сугерирам да ја прочита книгата на Џон Перкинс – „Признание на еден економски убиец.“ Добро би било оваа книга да ја прочитаат и македонските политичари, кои, доколку продолжат со неконтролираното задолжување во странство, ќе придонесат „економскиот убиец“ да зачука на вратата и на нашата држава!
Политиката на Учителот за форсиран развој на екстрактивната и тешката индустрија во времето на социјализмот и СФРЈ, во самостојна РМ ја продолжи еден агроном, кој за време на својата дипломатска мисија во една источно европска земја, водејќи сметка за своите лукративни интереси (член на Управниот одбор на Компанијата која треба да отвара рудници за бакар и за злато во нашата држава), воспоставил контакти со некои мнипулатори од земјите од централна Азија, кои во РСМ ги застапуваат интересите на мултинционалните корпрации.
Неуките и корумпирани македонски политичари, кои се опседнати со фамата за странските инвестиции, потпишале договори за отварање на неколку рудници во најаграрниот регион во нашата држава, без какви било анализи за последиците од ваквите инвестиции и без да го прашаат локалното население, кое сега протестира против отварањето на рудниците! Најверојатно на крајот „цехот“ ќе го платат македонските даночни обврзници! Апелирам до надлежните државни органи да покренат истрага за потпишувањето на ваквите штетни договори. Владата би требало да донесе закон со кој би се забранила изградбата на капацитети од областа на екстрактивната и тешката индустрија!
Господинот Ц.Т.-Ц. во својот напис наведува дека бил еден од клучните луѓе во изградбата на ФЕНИ, како и тоа дека сега неговата фирма (заедно со неговиот син) ДГ ИНТЕРГРАДБА соработува со кавадаречкиот металургиски комбинат, така што може да се претпостави дека добро се офајдил од работењето и бизнисот со овој мега проект!? Имајќи го тоа предвид сосема разбирлива е неговата сентиментална приврзаност кон ФЕНИ, кој за него очигледно е „кокошка која носи златни јајца“! Проблемот е во тоа што личните и семејни бизнис интереси на г. Ц.Т.-Ц. не се совпаѓаат со интересите на државата!
На крајот една мала дигресија. Во периодот 1978-1982 година работев во југословенската амбасада во Прага и бев задолжен за економска и научно-техничка соработка (НТС) со тогашната ЧССР. Ако добро се сеќавам во 1981 година во Амбасадата пристигна барање група од триесетина стручњаци од ФЕНИ да дојдат на три месечна обука во ЧССР. Со ваквото барање од ФЕНИ се исцрпуваше целата годишна југословенска квота за НТС со ЧССР, така што имав големи тешкотии околу реализацијата на ова барање. Благодарејќи на пријателството и мошне коректната соработка со г. Здењек Пухмелтр од Министерството за тешка индустрија на ЧССР, со мали скратувања на бројот на стручњаците и на времетраењето на обуката, постигнавме договор за доаѓање на стручњаците од ФЕНИ на обука во ЧССР. Не знам дали во оваа група бил и г. Ц.Т.-Ц.? Г. Пухмелтр наредната година беше во посета на ФЕНИ и по враќањето ми рече дека бил мошне топло пречекан во Кавадарци.
Охрид, 23 јуни 2019 година
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.