„Би требало да има предвремени избори за да се разреши оваа ситуација. Вака веќе не оди. Но, чести предвремени избори земаат многу пари, а луѓето се и онака осиромашени. Меѓутоа кога не можат да најдат заеднички јазик поарно е пак да се излезе, па да видиме народот што ќе каже, кога веќе не ги признаваат резултатите“, одговори една граѓанка на прашањето на ЦИВИЛ Медиа за нејзиното мислење дали ќе има предвремени избори.
Иако не излегла да гласа на референдумот, сепак смета дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ подобро се живеело.
„За владејачката гарнитура ние што излеговме, не важат нашите гласови… Ги делат луѓето уште повеќе. Многу лоша ситуација. Јас и сопругот сме пензионери. Многу подобро ни беше додека беше ВМРО на власт. Искрено. Не затоа што сум партиски определена, меѓутоа јас си знам кога ми беше подобро. Знам сега колку земам покачување, бедно,а знам колку ВМРО ни даваше и кои други бенефиции. Мене ми дадоа стан, куќата си ја легализирав, тоа не се заборава. Направија многу нешта и не заслужија вака да се однесуваат кон поранешниот премиер“, објасни соговорничката.
Таа упати критики и кон сегашната власт и смета дека треба побргу да си одат.
„Верувајте јас се плашам. Што побргу си одат мислам дека ќе ми биде подобро…“, изјави граѓанката.
Б. Ј.
Монтажа: Ариан Мехмети