пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Многумина велат дека основна пречка за пробив на плуралитетот во Собранието е изборниот модел кој ги фаворизира постоечките две големи партии и Изборниот законик кој оневозможува рамноправен пристап на партиите до граѓаните и еднакви шанси за претставување на нивните програми, цели и заложби.
Се согласувам дека моделот не е најдобриот и најсоодветниот за нашите услови и дека Изборниот законик претставува легална рамка за еден многу нелегален и веќе воспоставен партиски монопол.
Меѓутоа, според мене, тоа не е ни од далеку основниот проблем со кој се соочуваме во процесот на избирањето претставници за највисокото законодавно тело на државата – Собранието.
Прво, мислам дека голем дел од граѓаните воопшто не го доживуваат Собранието како место во кое се донесуваат одлуките поврзани со управувањето со државата, ниту пак гледаат на пратениците како на клучен фактор во управувањето. За голем број граѓани пратениците се марионети на партиите кои се важни само при формирањето на Владата како највисок орган на управување со државата и кои диригирано дигаат или не дигаат рака при гласање. Оттука, за граѓаните е многу малку важна личноста за која гласаат, а многу поважна партијата како надреден фактор кој во иднина ќе ја “командува“ таа личност. Ова го знаат и партиите и дури и во текот на изборната кампања тие не претставуваат пратеници туку зборуваат за избор на Влада, на премиер, на министри, …
Втор проблем е клиентелизмот како главен продукт на партизацијата на државата. Во сеопштата партизација на општеството која се одвива во континуитет изминатите 30 години, граѓаните (со право) го врзуваат вработувањето, бизнисот, преживувањето со некоја од партиите. Овој однос ги става во потчинет однос и ги тера одново и одново да гласаат за конкретна партија со надеж дека ќе им обезбеди одредени бенефиции доколку дојде на власт, односно, од страв дека, доколку на власт дојде друга партија, може да бидат директно и многу лично загрозени. Ова е уште повидливо во изборните кампањи во кои не се претставува визија за комплексен развој на државата туку се нудат плати, субвенции, пензии, социјална помош…
Трет проблем е генерално пасивниот однос на граѓаните кон општествените и политичките случувања. Тоа не значи дека не зборуваат за политика и дека не ги коментираат политичарите. Ова само значи дека најголем број од граѓаните во Македонија не се спремни активно да се спротивстават на неправдата, да застанат во одбрана на оние чии права се прекршени, да ги повикаат на одговорност своите избраници…
Протестот во Македонија е или мал и незначителен, или спонтан излив на незадоволство, после многу долг период на трпење или акт на повлекување и неделување. Шарената револуција беше толку впечатлива токму заради тоа што излезе надвор од оваа вообичаена шема. На македонските граѓани им требаше многу време и навистина големи прекршувања на правото за да исчекорат од комфорната зона на пасивниот протест и да излезат масовно на улица. И не верувам дека тоа скоро ќе се повтори. На последните избори граѓаните се вратија на вообичаениот пасивен начин на изразување на незадоволството и покрај неговата очигледна непродуктивност и отсуството на посакуваниот резултат.
Четвртиот проблем е етно-партиството во Македонија. Ниту една партија во Македонија нема јасна идеолошка матрица, препознатлив вредносен систем, структура од принципи кои ги моделираат нејзините активности. Во основа на политичките партии во Македонија е поставена етничката припадност, што оневозможува било каква идеолошка диференцијација и обезбедува доминација на партии кои после долги години на власт не им понудиле на граѓаните никакви суштински промени во квалитетот на нивното живеење, меѓутоа опстојуваат во власта со постојаното вадење на монетата на етничката припадност како конечен и апсолутен адут.
Попатен резултат на сето ова е подотворена врата за радикален национализам спакуван во популистичка обланда. Во какофонијата на лаги, манипулации, беззаконие и неказниво насилство, најдобро вирее плевелот кој тие кои не се разбираат од градинарство многу лесно го мешаат со цвеќе. Кога ќе порасне и кога ќе се размножи веќе е доцна. Во тој момент изразите како: Сороспии, ве поздрави РОБЕСПЈЕР НЕПОДМИТЛИВИОТ. Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе. Абе комуњари … Абе удбаши… Северџани… Северџанистан… Дезинфекција, дезинсекција и десоросоидизација… ИВЗ не е МПЦ бе. Има таму и калашњикови, а не само џипови… За доброто на татковината, треба да испосечеме неколку глави …, веќе не се само дел од политичкиот речник кој им изгледа неверојатно шармантно на младите, туку постепено стануваат акција спроведена во пракса со несогледиви последици.
Не ќе да е само до изборниот модел.