од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Сеедно е и неважно ама и точно е. Да, Емануел Макрон е надуено француско копиле. Препотентно и инаетливо галско петле. Фрустрирано, ама моќно европско бирократче.
Приказната што вчера и денеска се тркала дури и во француските жолтеникави весници е дека при жива и здрава и политички сѐ уште потентната Ангела Меркел тој да ти се амбицирал да станел калиф наместо калифот во Европската Унија. Во Унијата да ѝ го преземе приматот на Ангела Меркел.
И ова е сеедно и неважно. Важното е дека тој е дел и од менталната историска француска политика спрема нас како народ и нација. Зарем висок француски дипломат во деведесеттите не му плесна в очи на македонски претседател дека секое племе не мора да има држава?
Па и ова нека е сеедно и неважно. Зашто дури и да е така, Макрон и неговите претходници малку задоцниле. Тркалото на историјата, нели, не врти наназад.
Но да ги баталиме паранојата, отровните стрели и сите други видови реакции на револт од македонските граѓани спрема актуелниот француски претседател за неговиот ригиден став, поради неговото „не“ за нашиот почеток за преговори со Унијата. Зашто тој, сепак, ни возврати со вреден подарок. Со црвено ни ја подвлече вистината за состојбите во нашата држава.
Е, за тоа, за нашиот актуелен амбиент, најмалку ни е виновен тој, Емануел Макрон. Германската канцеларка, моќната Меркел, стори сѐ, барем елементарно да се потсредиме и да заличиме на организирана и правна држава. На двапати ни го праќаше европскиот авторитет за владеење на правот Рајнхард Прибе. Човекот нѐ стави на рендген, нѐ сними, нѐ дијагностицираше и ни нацрта што треба, што можеме и што мораме да сториме. Едноставни елементи што се атрибути на секоја конституција која сака да се нарекува држава.
Од тоа сторивме речиси ништо. Ниту пак некој ги спомнува ниту некој веќе знае каде се тетратките што ни ги остави. Ги отвори ли некој од нашиве? Ги препрочита ли некој неговите лекции? Не.
Згора, токму во името на правниот поредок, фундамент на секоја вистинска држава, ЕУ и САД ни го направија СЈО. Беше симбол на надежта за право и правда. А ние, нашите власт и опозиција, онака ноншалантно, како сложни браќа, ни го урнисаа.
И, сега, малиот Наполеон ни бил виновен што нѐ оставил да го чекаме априлскиот воз за Брисел.
Затоа, да не го убиваме гласникот. Не е до телалот. До нас е.