ЛИСА БАУТА ШАЌИРИ
Позицијата на жената во нашето општество, каде јасно се гледа од статистиките за невработеност па сè до родовото насилство, од квотите за родова застапеност, па сè до делење на работните задачи дома, од морализмот па до бунтовништвото, јасно покажува дека освен што сме жртви на патријархатот, постои голема веројатност да станеме жртви на нашиот сопствен ментален склоп.
Патријархатот, кој е исклучително изразен во нашето општество, за жал, предизвикува друга појава, чии последици веќе почнуваме да ги чувствуваме, а тоа е – маскулинизација на жената.
Жената, тргнувајќи од улога на жртва (генерациски гледано, а често и персонално), се приморува да ја зајакне нејзината машка енергија и машки особини, за да може да се „снајде“ и да преживее во токсичното маскулинистичко опкружување. Секој ден, сè повеќе е убедена дека доколку дозволи да се „соблече“ од ваквиот штит, ќе биде унакажена, како емотивно, така и социјално.
Од таа позиција на жртва, се губи довербата во нејзиниот (потенцијален) партнер во однос на задоволување на нејзините архаични потреби, кои се длабоко врежани во нејзиното битие. Таа недоверба носи кон тежнеењето да сама си ги задоволи тие потреби, а доколку (што е природно) не може, тогаш се откажува, па дури и ги потиснува и негира истите.
Со зајакнување на машката страна, кај жената денес се губи балансот помеѓу женската и машката енергија. А, за да биде трагедијата уште поголема, секојдневно се пропагира и охрабрува, да не кажам форсира, жената да биде рамноправна со мажот, што се сфаќа во смисла на еднаквост (како да се исти), а не еднаквост (во однос на правата).
Овој тип на феминизам го уништува феминитетот на жената!
Овој тип на феминизам ја убедува жената дека таа и мажот се во трка, во која нејзината стартна позиција е неколку метри зад мажот.
Овој тип на феминизам ја убедува жената дека е послаба од мажот, и го игнорира фактот дека, иако во некои сегменти жената е далеку послаба, во други е далеку помоќна. Токму таа релација маж – жена (во смисла на енергија, која често се наоѓа и помеѓу хомосексуални партнери) овозможува да се комплементираат еден со друг.
Хармонијата и енергетскиот баланс кој би се постигнал кога би ги прифатиле различностите, денес дополнително се оневозможени поради донкихотската „војна“ меѓу жените и мажите.
Како реакција на патријархатот и маскулинистичкиот шовинизам, жените возвраќаат и декларираат војна со слоганот „можеме без мажи“.
Кратко и јасно: не можеме без мажи, а истовремено да останеме жени. Мора да се претвориме во жена-маж за да можеме без мажи, ама дури тогаш ќе сфатиме дека не можеме да постигнеме спиритуален и емотивен баланс, затоа што тоа е невозможно кога сме полу-жени!












