пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Ситуација:
- Уставниот суд на 14-та седница одржана на 14.5.2020 година донесе одлука за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ваквата одлука на Уставниот суд доаѓа по иницијативата на претходниот состав на Комисијата за заштита од дискриминација за оценка на уставноста и законитоста на Законот, во која беше наведено дека оспорениот закон бил донесен спротивно на чл. 75 од Уставот на Република Северна Македонија, односно не било обезбедено потребното уставно мнозинство за повторно изгласување на Законот.
- Министерката за правда Рената Дескоска ни соопшти дека: „Од денеска за жал немаме Закон за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи Уставниот суд го укина. Со оваа одлука не се враќа претходниот закон во живот, а се укина новиот закон од 2019 година. Затоа прва задача на новото Собрание мора да биде носење на овој клучен закон“ – со што нѐ врати петнаесет години во минатото кога СДСМ немаше сили да донесе Закон против дискриминација и десет години во минатото, пред еден од ретките добри потези на ВМРО-ДПМНЕ – донесувањето на првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.
Прашања:
- Зошто Уставниот суд решил да донесе одлука токму за овој закон (кој од ЕУ државите е прогласен како еден од параметрите врз основа на кои се цени напредокот на државата), и токму во овој момент (кога е јасно дека нема шанси во краток период да биде изгласан Закон за заштита и спречување од дискриминација) и, кога веќе се дерогирани неколку основни права и слободи од Конвенцијата за правата на човекот?
- Зошто Уставниот суд не водел сметка за соодветна примена на членот 73 од Деловникот за работа на Уставниот суд според кој „При одлучувањето дали законот, прописот или општиот акт ќе го поништи или ќе го укине Уставниот суд, ќе ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето“?
- Дали Уставниот суд сметал дека со Законот за спречување и заштита од дискриминација се повредуваат нечии права? Се ограничуваат човековите права и слободи? Се прави таква ненадоместлива штета која бара итно постапување? Дали сметал дека е нарушена правната сигурност на граѓаните? Дали сакал да ги заштити ранливите групи граѓани кои вообичаено се изложени на дискриминација?
- Дали Уставниот суд не размислувал за последиците од донесувањето на една ваква одлука или пак размислувал и заклучил дека од исклучително значење за соодветната примена на Уставот е да нема Закон за заштита и спречување од дискриминација?
- И посебно ме интересира како тоа министерката за правда си замислува постоење на правен вакуум? Дали доколку Уставниот суд реши дека заради процедурални грешки треба да се укине на пример, Законот за безбедност во сообраќајот, ќе се создаде правен вакуум во кој нема да важат правилата за одвивање на сообраќајот или пак ќе се применува претходно важечкиот закон? Ако Уставниот суд одлучи дека има процедурална грешка во донесувањето на Законот за основно образование, веднаш ќе ги распуштиме сите училишта и ќе чекаме да биде донесен нов закон, или пак ќе се применуваат одредбите на претходниот закон?
Мислам дека овој и ваков Уставен суд е противуставен, бидејќи со оваа своја одлука ја прекршил една од своите уставно дадени надлежности да „ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност“.
И мислам дека оваа и ваква министерка за правда со својата изјава ја негира суштината на правото, бидејќи правото се базира на логика и во моментот кога отсуствува логика – веќе не станува збор за право, туку за партиско самоволие и самобламирање.