Categories

ОБВИНУВАЊЕ Не се спроведуваат реформите во јавниот сектор

Синдикатот на администрацијата и државната управа на Македонија преку соопштение укажува на, како што вели, неспроведување на реформите во јавната администрација и прекршување на законските одредби во јавниот сектор.

Од Синдикатот обвинуваат дека се вршат политички притисоци, уценувања и заплашувања, преместување на работниците по незаконска основа, преместување на пониски работни места, прераспределба на вработените подалеку од местото на живеење без надоместок …..

– Веќе подолг временски период укажуваме на малите плати на државните и јавните службеници и на фактот дека со законското зголемување на минималната плата доаѓа до порамнување на платите на техничкиот и помошниот персонал со најниските позиции на државните службеници. Затоа бараме зголемување на платите во насока на задржување на линеарниот распон помеѓу позициите на државните службеници од причина што јавниот сектор се доведе до рамниште на социјална категорија со социјални примања. Укажуваме на проблемите за дополнителните исплати кои не се предвидени согласно Закон за извршување на буџет, а произлегуваат од обрвски предвидени со закон или колективен договор (13та плата, прекувремена работа, кариерно унапредување итн), се вели во соопштението.

Според синдикатот, унапредувањето и вработувањето на јавни огласи се спроведува врз основа на партиска определба наместо по компетентност и професионалност.

– Бараме, конечно ветените реформи во администрацијата да почнат да се спроведуваат со целoсно воспоставување на функционален и одржлив мерит-систем на заслуги и на квалификации при селекцијата, вработувањето и при развојот на кариерата на службениците со цел воспоставување професионална, демократска, транспарентна и добро организирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните, велат од Синдикатот.

Оттаму нагласуваат дека не се согласуваат и со трансформацијата на работниците од јавен во приватен сектор и предлагаат средствата кои би се потрошиле за субвенционирање на приватни фирми за преземање кадри, да се искористат за обуки и преквалификација на постоечкиот кадар во јавниот сектор.

– На крај уште еднаш мораме да потенцираме дека ние сме при крај на нашето трпение и повеќе нема да дозволиме да си поигрувате со нашите судбини. Ве повикуваме на разум и конструктивен и фер социјален дијалог и партнерство, затоа што на крајот од денот Вие ќе бидете виновни за преземање на порадикални чекори од наша страна, велат од Синдикатот. (МИА)

Print Friendly, PDF & Email