Албанската опозиција, предводена од централнодесничарската Демократска партија, тврди дека левичарската влада на премиерот Еди Рама е корумпирана и има врски со организираниот криминал. Пратениците на опозицијата сакаат владата да се повлече за администрацијата да свика предвремени избори.
На синоќешните протести, поддржувачите на албанската опозиција фрлаа ракети и запалија автомобилска гума пред парламентот, во обид да ги блокираат владејачките пратеници кои влегуваат во зградата, со повици владата да се повлече. Опозициските водачи одржаа кратки говори, повикувајќи Рама да поднесе оставка и ветија дека ќе одржуваат континуирани митинзи. Антивладините демонстранти неколку пати се обиделе да го пробијат полицискиот кордон и фрлија чадни гранати и камења кон зградата на парламентот, чувана од многуброен полициски контингент.
„Ќе се вратиме, нашата битка ќе продолжи сѐ додека оваа влада не биде срушена“, изјави Лулзим Баша, водачот на опозициската Демократска партија пред демонстрантите, откако облаците од солзавец ги оддалечија од полицискиот кордон.
„Овој парламент е нелегитимен“, изјави Моника Круемади, лидерка на Движењето за социјалистичка интеграција, пред демонстрантите, барајќи од нив повторно да се состанат пред парламентот во четврток.
Рама за медиумите во Тирана изјави дека „очајните опозициски напори би можеле да бидат фатални за отворањето на преговорите во јуни“ за членство во Европската унија.
Албанија се надева дека ќе отпочне разговори за пристап со ЕУ оваа година, но земјата со 2.8 милиони жители треба да направи значителен напредок во борбата против корупцијата за да започнат преговорите. Социјалистите имаат 74 пратеници во парламентот кој брои вкупно 140 места.
САД, Европската унија и другите меѓународни институции го повикаа лидерот на опозицијата да го избегне насилството, а од владата побара да влезе во разговори со своите политички ривали.
„Насилството не е одговор на проблемите на Албанија. Ние повторно го осудуваме поттикнувањето на политичкото насилство и повикуваме на воздржаност и одговорност“, се вели во соопштението од канцеларијата на Тирана на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
Поради длабоката политичка криза во која се наоѓа Албанија, денеска во Тирана ќе допатува седумчлена делегација на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент. Пред заминувањето за Тирана, шефот на делегацијата, европратеникот Туне Келам, побара од Владата и опозицијата да ја решат оваа ситуација преку конструктивен дијалог. Делегацијата се очекува да се сретне со акбанскиот претседател Илир Мета, премиерот Еди Рама и лидерот на опозициската Демократска партија, Лулзим Баша.
Доаѓањето на делегацијата на ЕП го коментраше амбасадорот на Мисијата на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца, според кого, посетата е потврда дека Парламентот е место за дискусија.
„Оваа посета не е случајност, туку потврда дека место за дискусија меѓу опозицијата и владата е Парламентот. Во четврток наутро ќе имаат прес-конференција и се надеваме дека ќе имаме позитивни сигнали“ – нагласи Сореца. Тој додаде дека европратениците одиграле значајна улога и во минатото, најавувајќи дека тие ќе ги слушнат двете страни и ќе донесат оценка за одлуката во јуни.
Според албанските медиуми, по Тирана, седуметмина европратеници ќе отпатуваат за Скопје.
Д. Тахири