Граѓанските организации револтирани од промените во Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик денеска во 14:15 ќе достават писмо до претседателот на Собранието, пратениците и предлагачите на законот со кое се бара веднаш да се повлече од дневен ред на собраниска седница.
Во продолжение писмото го пренесуваме интегрално:
„Почитуван Претседател на Собранието,
Почитувани предлагачи на Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка,
Почитувани пратеници,
Ние, долупотпишаните граѓански организации, бараме веднаш да го повлечете од дневен ред Предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди.
Инсистираме на повлекување на предлогот, поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот.
Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста.
Фондација Отворено општество – Македонија
Фондација за интернет и општество Метаморфозис
НВО Инфоцентар
Центар за европски стратегии Евротинк
Форум – ЦСИД
Коалиција „Сите за правично судење“
Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
Македонско здружение на млади правници
Агора Центар за промовирање на граѓански вредности Скопје
ЦИВИЛ – Центар за слобода
Kоалиција МАРГИНИ
Центар за современи уметности
Институт за европска политика – Скопје
Институт за човекови права“, стои во соопштението на граѓанските организации.