Сашо Мијалков куќниот притвор ќе го помине во својот дом на Водно и нема забрана да се гледа и да комуницира со некого.
Според одбраната на Мијалков, барањето за забрана за комуникација било неосновано бидејќи по жалбата за укинување на притворот, Кривичниот совет го укинал ставот 2, односно влијание врз сведоци.
СЈО изминатиот месец, повеќе пати, ги промени барањата за мерки за Мијалков. На 20 ноември доби притвор за предметот со масовното прислушување. Две недели потоа побара укинување на тој притвор и одредување нов за истрагата „Империја“. За потоа да побара заменување на мерката притвор со домашен притвор.
Пуштањето од притвор на Сашо Мијалков се случи во еден ден. Јавноста реагира дека за разлика од викендот кога за Груевски беше викенд и не го бараа судските курири, сега за Мијалков судијката Весна Димишкова била вратена од дома.
Од МВР пак велат дека полицијата нема обврска деноноќно да ги чува куќите и становите на осумтемина пуштени од притвор изминатите неколку дена во случаите на СЈО „Империја„ и „Титаник“, од кои тројца се милионери, велат од МВР повикувајќи се на законот и судските решенија по кои постапува министерството.
„СВР Скопје од Основниот суд Скопје 1 доби решение со кое му се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена на осомничениот Сашо Мијалков, сметано од 29.12. 2018 година. Мерката куќен притвор предвидува ненајавена проверка од полициски службеници, со цел да се утврди дали лицето на кое му е одредена мерката ја почитува. До СВР Скопје од Кривичниот суд, а ни од СЈО, нема пристигнато друго решение за преземање други мерки“, кажа министерот Оливер Спасовски.
Откако во петокот на неформален брифинг со новинарите Спасовски кажа дека довербата кон СЈО не му е како на почетокот кога се формирало, шефицата на специјалните обвинители Катица Јанева му возврати дека тој треба да си ја гледа својата работа, потсетувајќи го дека МВР е помошен орган на обвинителството.
„МВР треба само да ги спроведува одлуките на судот и барањата на обвинителство, вклучително и на СЈО и тој не е компетентен да ги коментира ваквите одлуки, бидејќи се само помошен орган на судот, обвинителството и СЈО“, изјави Јанева.
Непосредно пред да биде пуштен од притвор во саботата навечер и последниот од Шутка, Сашо Мијалков, Јанева изјави: „Сметавме дека е добро за реформите, за владеењето на правото, овие лица да бидат во следниот период во куќен притвор и со тоа ќе биде доволно обезбедено нивното присуство“.
Минатата недела, заклучно со саботата навечер, од притвор беа пуштени дома: Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска, Тодор Мирчевски и Сашо Мијалков од случајот „Империја“ и Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, обвинети во „Титаник“.
Од Кривичен демантираат дека има двојни аршини и велат дека притворските предмети се итни. Ја негираат и информацијата дека судијката Димишкова била вратена од одмор, бидејќи празниците за неа почнувале после Нова година.
М. И.