Филтрите на Дрисла, аерозагадувањето, барокните фасади, Скопје 2014, дотраената канализациона мрежа, зелениот бран, сообраќајниот хаос, запуштените објекти во градот, реновирањето на Универзалната сала, дивите депонии, велосипедските патеки и одговорноста на „таткото“ на градот беа дел од прашањата на граѓанките и граѓаните кои иницијативата #НаМегдан вчера му ги постави на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
#намегдан со Петре Шилегов
Gepostet von На Мегдан / Në Mejdan am Dienstag, 11. Juni 2019
За промената на концесионерот на депонијата Дрисла, но и контроверзиите поврзани со новиот концесионер, Шилегов истакна дека овој проблем е наследен и дека Градот Скопје поднел жалба на судската одлука за склучување на договор со „Шолц“, но дека, за жал, жалбата била одбиена.
„Доколку не се донесе оваа одлука ризикуваме да бидеме тужени и од ФЦЛ ‘Амбиенте’ и од ‘Шолц’ за надомест на штета која би изнесувала по 80 милиони евра за секоја од нив“, истакна Шилегов обвинувајќи ја опозицијата за незаконско продолжување на рокот за доставување на понуди.
Тој истакна дека ќе инсистира на построги услови во новиот договор со „Шолц“, заради променетите услови во овие шест години и најави дека најдоцна за еден месец тој ќе биде потпишан.
Во однос на прашањето за напуштените објекти во Скопје и нивна пренамена во културно-уметнички центри, Шилегов вели дека ја поддржува идејата, но дека повеќето од нив се со нерегулирани имотно правни односи и Градот Скопје нема надлежност да ги решава овие прашања.
За сообраќајниот хаос во градот, тој е дециден дека се постојано се работи на решавање на овој проблем, но дека тоа не е нешто што може да се реши преку ноќ. За разлика од граѓаните кои тврдат дека зелените бранови не функционираат, Шилегов смета дека истите работат, но проблем е кога ќе дојде до прекин на светлосната сигнализација поради некоја делегација, односно кога се применуваат специјални безбедносни мерки. Ако се земе предвид дека тоа е речиси секој ден, останува дека граѓаните се во право, но нема изгледи дека овој проблем ќе се реши наскоро.
Градоначалникот Шилегов е отприлика на иста линија и кога станува збор за енормното аерозагадување во градот. Вели дека постојано се работи на неговото намалување, но дека тоа е долготраен процес за којшто треба многу повеќе време од она што го очекуваат граѓаните.
Со оглед на тоа што два пати успешно ги заобиколи прашањата околу неговата одговорност, очигледно е дека тој е задоволен од својата работа. Но дали и колку се задоволни граѓаните веројатно ќе се види на следните локални избори, бидејќи Шилегов нема намера да си даде оставка.