Ана Вујановиќ, теоретичарка во сферата на критичката теорија, култура и современа уметност ќе одржи предавање во Музеј на современата уметност, со почеток во 19:30 часот. Со нејзиното предавање се затвора програмата на Фестивалот за критичка уметност КРИК 03, кој оваа година се одржува под насловот: „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување!“. Насловот на предавањето на Вујановиќ е „Неколку размисли за под-идентитетот“.
Во своето предавање, Вујановиќ, во моментот на преиспитување на општествените категории, како што се нацијата и мноштвото, ќе отвори нови перспективи во промислувањето на идентитетите. Неодамна, идентитетските политики повторно станаа актуелни во уметноста и пошироко. Тоа може да биде корисен либерален и централно-лев инструмент во актуелниот европски контекст, кој се дефинирана со подем на десничарската политика и бегалската криза.
Сепак, полемичкото прашање на Вујановиќ е дали политиката на идентитетот е најефикасниот инструмент за борба против екстремно десничарскиот национализам и популизам или можеби треба сите заедно да го смениме речникот. Со своето предавање, Вујановиќ сака да ја нагласи важноста да мисли „перформативноста на отпорот како гест на измислување нови, солидарни политички и социо-културни наративи“.
Токму затоа, таа предлага да се продлабочат разбирањето на индивидуата и сингуларноста како подидентитетски категории на заедничкото. Низ предавањето ќе се акцентираат некои предлози што произлегуваат од современиот танц и изведувачките уметности, како што се оние од Лигија Луис и Дорис Улих, преку тезите за транс-индивидуалност на Паоло Вирно, Гилберт Симондон и раните фази на Маркс.
Ана Вујановиќ (Берлин / Белград) е истражувачка, писателка, драматург и предавачка, фокусирана на соединувањето на критичката теорија и современата уметност. Докторирала во областа на хуманистичките науки – театарски студии. Од 2016 година е членка на тимот и менторка на четврта година студенти на SNDO – Школа за развој на нов танц во Амстердам. Била главен уредник на ТкХ (Teorija koja Hoda) – списание за теоријата на изведувачки уметности (2001-2017). Работи како драматург во уметнички проекти од областа на перформансот, танцот, филмот / видеото и театарот, со уметнички како Марта Попивода, Естер Саломон, Кристин де Смед, Драгана Булут и др. Има објавено голем број публикации во списанија како „ТкХ“, „Маска“, „Фракција“ и други.
подготви: Џ. Д.