Плукањето по… што и да е, кај нас е веќе долго развиван национален спорт. Толку развиен што може да го предложиме за нова олимписка дисциплина, со право надевајќи се на медал. Во последно време забележувам нов тренд во плукањето. Го нарекувам „Плукање по Шарената револуција“.
Е па драги мои плукачи, како некој што активно учествуваше во Шарената револуција, сакам нешто да ви кажам. Јас сум горда што учествував во Шарената револуција и не жалам за ниту еден изоден километар во тие месеци на отпор и борба, неопходни за рушењето на еден лоповско-фашистички режим. И цврсто стојам зад секој свој изречен збор.
Кога мислам на изодените километри, не мислам само на оние кои званично добија име „Шарена револуција“. Тука се и тие претходно изодени за Мартин, за Тамара, за Кежо, со студентите, со средношколците , со наставниците… Сето тоа е за мене Шарена револуција. Сиот отпор кон ненормалноста на ова општество од која за жал не можеме да се оправиме затоа што е влезена во порите на секој од нас. А вие и тогаш и сега си седевте длабоко завалени во удобноста на вашиот мал свет и си плукавте. Тогаш повеќе во себе, додуша.
Шарената револуција беа илјадници анонимуси како мене, не врзани за ниту едно стадо кое се нарекува партија, кои веруваа во нормални работи, кои посакуваа нормална држава за себе, за вас, за своите и вашите деца. Луѓе без политички амбиции и желба да „се офајдат“ лично од промената на власт. Луѓе кои бараа нормалност. Маршираа по улиците, стоички ги поднесоа последиците што ги имаа од своите активности на работните места, плукањето од комшиите и познаниците кои немаа верба. Шарената револуција беше верба, беше надеж во враќањето на нормалноста, враќање на одамна заборавените вредности на животот, враќање на одамна заборавените етички принципи.
Шарената револуција беше револуција. Револуција на будењето и револуција на разумот. Останаа сѐ уште будни и разумни уште многу од тие што тогаш будеа и повикуваа на разум.
Што се случува две години потоа?
Е, тоа нема врска со Шарената револуција. Некои политичари дојдоа на власт. Не сум сигурна дали други или истите. Го искористија за тоа долго акумулираното незадоволство од претходното владеење на неразумот, преточено во Шарената револуција. За жал, не научија ништо од Шарената револуција. Ги изгазија нејзините идеали и ја фрлија на буниште како искористена крпа. Ги изневерија луѓето со верба и ги запоседнаа удобните столчиња на незаслужени привилегии. Плукнаа на основните барања за правда и мир. По инерција, продолжија со ненормалностите, наоѓајќи невозможни оправдувања за сите испорачани, неветени глупости. Дури и оние кои се самопрогласија за водачи на Шарената револуција и влегоа ва парламентот и власта, заборавија што очекуваа од нив тие без кои ќе немаа кого да „водат“. Не се ни обидоа да побараат нормалност во владеењето. Срам да им е.
А јас? И веројатно многуте како мене „шарени“.
Дали се срамам од тоа што сум била дел од Шарената револуција? Ни најмалку. Има други на кои треба да им е срам.
Дали се изиграни идеите на Шарената револуција? Комплетно. Најболно, од некои кои се претставуваа како нејзини најлути борци. Срам да им е.
Дали сум разочарана? Се разбира.
Дали изгубив надеж дека од оваа дупка на планетава некогаш ќе стане планина со поглед кон светлината? Да. А, можеби не неповратно. Можеби сепак по малку (или малку повеќе), се надевам дека утре пак ќе излеземе искрените шарени и други несебични, вистински сонувачи и ќе ги обоиме педесетте нијанси на црно во кое живееме.
Дали ме чешаат петиците да излезам и да ги изодам истите километри како до пред две години? И тоа како. И да плукнам по еднаш пред министерствата, обвинителствата, судовите и другите државни институции во кои седат истите луѓе од пред две, три, пет, осум години. Појачани додуша со нови експерти во уништување на државата. И да се дерам: Нема правда – нема мир.
Шарената револуција умре. Некои нејзини учесници одлично се прилагодија во новото лудило и го глумат ли го глумат. Други молчат. Не знаат што да кажат. Можеби ги мачи чувството дека без да сакаат биле соучесници во нешто кое не можеле да претпостават дека ќе се случи после толку борба да не се случува. Човечки е да се биде разочаран и депримиран.
А вие плукачи? Што плукате по нив? Имајте муда, па кренете нова револуција. Тргнете се од неподносливата леснотија на вашето живуркање, тргнете се од канџите на партиите и испорачајте барања за нормално живеење. Можеби шарените ќе ви се придружат.
Или ќе почекаме да пораснат нови деца за да кренат нова револуција. Ама, се сомневам. Со ова морално наследство во кое растат, тешко од нив да се изродат револуционери. Оние кои сакаат нормален живот ќе се иселат, а оние кои ќе останат и ќе го величаат ненормалното и ќе плукаат. Во зависност од тоа која партија е на власт.
Преземање на содржините објавени овде e ЦЕЛОСНО ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
видео и фотографии: од архивата на ЦИВИЛ (сите права се задржани)