Откако ќе стивне оваа прашина и веќе ќе стане извесно дека Македонија ги отстрани политичките пречки во соседството за напредок во евроатланските интеграции, ќе се соочиме, драги пријателки и пријатели со по мене – главната пречка за наш напредок кон модерниот и прогресивен свет. Таму каде што сме тргнати – не е битно како се викаш, туку што можеш. А кај нас е обратно. Затоа, за суштински чекор напред, мора да го поразиме национализмот во сите општествени сфери!
Стоиме на етички и морално исправната страна на идеалите на човештвото за еднаквост меѓу луѓето, наспроти оние што се мислат дека се над „другиот“. Имаме знаење, а со тоа што го кутнавме и националистичкиот режим на Груевски со сите негови полуги на моќ и сила, очигледно ова општество демонстрираше и капацитет да спроведе процес на голема промена и да зачекори храбро кон иднината. За таа промена се заслужни сите – Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите, Египќаните, Торбешите, Хрватите, Црногорците… буквално сите прогресивни граѓани на оваа земја кои овие неколку години учествуваа активно во промената.
Никогаш не смееме да заборавиме дека еден од суштинските принципи и водилки на таа борба беше изградбата на едно поинакво општество – ЕДНО ОПШТЕСТВО – со почит кон секој граѓанин, со еднакви можности за секој, без оглед на етничката, верската, политичката, родовата, сексуалната или било која друга припадност. Општество во кое ќе се цени според способностите, а не според „(не)подобностите“ и други „квалитети“ и „припадности“. Општество кое ќе гради солидарност, општество каде посилните и оние кои имаат повеќе ќе ги помагаат оние што немаат…
Национализмот, наспроти тоа, ако погледнете подобро е во основата пак на речиси сите наши поделби и проблеми. Тој е тука како дежурна алатка, како текст или поттекст за пронаоѓање на соодветниот „кривец“ за сите наши маки. Го има насекаде. Од спортот и културата (каде што најмалку би требало да го има нели), преку образованието и здравството, земјоделието и економијата, во правосудството и администрацијата, во политиката и партиите безбели најмногу….. И секаде е кочничар на прогресот.
Речиси 3 децении се борам со национализмот, драги пријателки и пријатели. Прво кај себе, а потоа и во општеството. Искуството ми вели – џабе ќе ни биде и влез во НАТО и преговори со ЕУ, ако не го поразиме национализмот. Од осамостојувањето наваму, Македонија неколкупати зачекоруваше напред, па се враќаше со крупни чекори назад – поради национализмот.
Овој пат, имаме реална шанса, а за првпат во историјата имаме и далеку поповолен политички амбиент. Пред нас се неколку клучни месеци, во кои ќе имаме можност да ја продолжиме нашата победничка серија. Ова е време кога оние што знаат и ја имаат почитта на општеството треба да бидат најгласни и да учествуваат активно во сите процеси кои градат едно општество еднакво за сите. Потребни се сите капацитети, аргументи, дебата и критика, ни требаат продуктивни, стручни општествени форуми кои ќе го градат постојано нашето заедничко општество. Храбро и одлучно, и што е можно побргу.
Конечно, по долги години мобилизација за одбрана, ни треба мобилизација за напредок на општеството. Инаку, се плашам дека веќе почнуваме да го губиме она што со години и маки го градиме сите заедно, а Сизифи има сѐ помалку на пазарот на трудот…
Преземање на содржините објавени овде e ЦЕЛОСНО ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Илустрација: Џ. Дерала