пишува: АРБЕН ТАРАВАРИ
Италијанскиот дипломат и политички теоретичар Николо Макијавели во 16иот век го напишал делото „Владетелот“, објавено пет години по неговата смрт.
Во делото се зборува за начините на кои еден амбициозен владетел би можел да дојде на власт или како постоечкиот владетел да ја одржи власта. Според размислувањата на авторот, најголемото морално добро е доблесна и стабилна држава, а постапките кои имаат за цел да ја заштитат и зачуваат државата се оправдани, дури и ако се сурови. Оттука и славната мисла на Макијавели „Целта ги оправдува средствата“.
Тој има и една друга фамозна изрека: Подобро да ти се плашат, отколку да те сакаат.
На полето на психологија на личноста, „макијавелизам“ е поимот со кој психологот Ричард Кристи ја опишува личноста која е манипулативна и индиферентна кон моралот.
Ајде сега, од Фиренца од 16иот век, да се префрлиме во Северна Македонија во 2019 година.
Што имаме ние? Макијавелски политичари, социјалисти, демократи или комунисти? Корумпирани политичари, саботери, лобисти, нарцисоиди, авторитарни личности, параноици, тоталитарци, што?
Што сѐ не сме склони да создадеме од типот или поимот политичар. Дали сме можеби народ кој го создава и брани имиџот на макијавелски политичар? Оној кому сѐ му е дозволено.
Ајде, да почнеме со некои поедноставни примери.
Ако откриеме дека некој во соседството или на работното место украл 100 евра и дека е крадец, се лутиме, го избегнуваме во нашиот општествен круг, ги предупредуваме сите оние кои сакаме да внимаваат на „крадецот“ и го поимаме како прототип на некакво си зло.
Е, сега, се прашувам, зошто ситуацијата станува сосема поинаква ако кражбата ја извршил политичар на позиција каде што може да украде и стотици илјади евра. Зошто тогаш тој за нас не претставува крадец? Зошто перцепцијата веднаш се менува? Зошто тој сѐ уште се кити со зборот „политичар“?!?
Амнестијата со која се соочуваме пред криминалот и политичката корупција е необјаснива. Глорификацијата што ја правиме кон овие поединци, кои се движат и дејствуваат далеку од моралот и принципите на кои сакаме да ги учиме нашите деца, е толку голема што понекогаш се претвора во процес достоен за професионална психолошка анализа. Идолопоклоништво до невидени размери.
Дали сме сè уште премногу чувствителни и неквалификувани за да се соочиме со она што го нарекуваме правна држава, слободна и демократска држава?!
Сигурно не сме банда дембели што сакаме да ги одгледуваме нашите деца на минско поле, поддржувајќи го брзото збогатување преку корупција. Ама, пак, зошто се однесуваме како да сме?
Едно е сигурно, си дозволуваме да ја оправдаме макијавелистичката политика. Во онаа лошата смисла на зборот. Во онаа, баш, најлошата!
Како за потсетување, луѓе мои, иако ни е јасно. Корупцијата предизвикува намалување на инвестициите во јавни добра или, уште поконкретно, помалку пари за здравствена заштита, а повеќе за проектите од личен интерес на корумпираните. Корупцијата значи уништување на распределбата на јавните добра во „корист“ на трошоците што водат до создавање поволни услови за мито. Она што e поврзано со личните интереси кои го кршат секој принцип на етиката, со интересите на малициозните ликови кои продаваат своја дефиниција на моралот, а која ние упорно ли упорно ја купуваме. И тоа со нашиот живот, со животите на нашите деца и притоа и ракоплескаме!!!
Ни треба ре-инеженеринг на политиката, ни треба „реформа“ на системот, ако сакаме да ја спасиме демократијата. Или попрецизно, ако сакаме да ја создадеме. Зашто, во спротивно, системот ќе ни колабира и нешто опскурно, уште повеќе од сега, ќе го заземе неговото место.
Авторот, д-р Арбен Таравари, е градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијанса за Албанците. По професија е невролог со долгогодишно искуство во Универзитетската клиника за неврологија Скопје, а од 2010 година е редовен предавач на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.