Претседателот Ѓорѓе Иванов се побуни дека не е во тек со преговорите за името и побара од Министерството за надворешни работи информации за последната средба меѓу Димитров и Коѕијас со медијаторот Нимиц.
Утре премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија ќе остварат средба, а ВМРО –ДПМНЕ се прашува дали претседателот повторно ќе биде исклучен и ќе остане неинформиран.
Истовремено, она на што цели опозицијата е свикување на Комисијата за надворешна политика во Собранието на која Димитров ќе ги информира претставниците на Комисијата за текот на преговорите.
Како што велат во денешното соопштение, ВМРО –ДПМНЕ смета дека и македонската јавност нема јасен одговор зошто Иванов не е запознаен со процесот на преговори за името и кој точно го советува Димитров, усмено или писмено, како да ги води разговорите.
„Сакаме јавно да го потсетиме премиерот Заев на гаранциите кои му ги даде на претседателот на државата пред да ја добие номинацијата за мандатар на Владата на РМ, посебно на точката 4 која гласи: ,,Гарантираме дека процесот на носење одлуки за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава”. И затоа ниту еден документ, договор, платформа, декларација, акт или дејствие кои се спротивни на македонскиот Устав како и на четирите точки од гаранцијата не можат да бидат услов, ниту основа за дејствување на Владата на Република Македонија, а посебно не на премиерот на Владата на РМ“, стои во соопштението.
Од друга страна, ако веќе опозицијата ги има овие дилеми, се очекува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веќе фрлената ракавица од премиерот Заев за ТВ дуел, да ја искористи во најскоро време.
Б.Ј.