од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Не знам кој, ама некој од Левица или целата партија, ако воопшто уште нешто останало од неа, од онаа иницијална Ленка, го тужеле левичарот Џабир Дерала. Не му кревам споменик, ама човекот е по лев од сите во таа Левица. Низ своите катадневни новинарски битки во најширокото македонско општество се етаблираше како похуман, посоцијален, покооперативен, послободарски, подемократски, поправедлив од првиот до последниот во тужителот Левица.
Поседувам безмалку педесет години новинарска работа. И милиони редови и илјадници текстови новинарски продукти во кои никогаш не сум пишувал во прво лице. Овој барем до некаде ќе се доближи до таа форма. Жалам за тоа што сега донекаде излегувам од моето новинарско кредо преку кое секогаш сум тежнеел новинарските редови да им служат на јавноста и на општеството, а не на авторот.
Но овојпат имам повод во обидот да ги испровоцирам „пролетерите“ од Левица да ме тужат и мене. Не во одбрана на Џабир. Не. Туку само во одбрана на зборот. Посебно во одбрана на новинарскиот збор. На оној со чиста совест. Ама за тоа да го сторат, ќе треба, нели, да ги навредам. Не сум баш вешт во тоа, но еве, ќе се обидам.
Прво, Левица не е политичка партија. Регистрирана е како партија но всушност е грст амбициозни ликови кои преку корката гласови на најсиромашните само сакаат да се докопаат до некакво привилегирано државно буџетско функционерско столче.
Второ, нивната партиска матрица нема врска со лево ориентирана идеологија. Тие се класична десница. Идеолошки продукт од сталинистичко нихилистички микс. Тие се само засебе и против се`. Против интеграции со демократскиот свет, поточно против волјата на најмнозинското македонско мнозинство.
Трето, самиот чин да поднесата тужба за пишан збор од новинар, е одраз на новниот карактер. Одблесок на нивниот тоталитарен, суров и непоравлив десничарски карактер.
На времето, кога згазнаа на општестсвената сцена, беа посакувано дури и потребно социјално друштво. Уживаа доза симпатии во нивниот приказ за некаква еднаквост и социјална паравда. Не прераснаа во движење. Се препнаа на самиот праг на сопствениете политички амбиции. Разочараа многумина подржувачки на социјалната Ленка. Посебно најранливите, најслабите, најнезаштитените кои во нив конечно видоа зрак надеж барем за каква таква парвада.
Ете, тие демократи сега го тужат новинарот Дерала кому јавноста недвојбено му ги припишува атрибутите за правда и еднаквост што, еве се покажува, тужителот Левица никогаши ниту ги поседувала. Од таа нивна почетна социјална радикалност која се самоуништи трансформирајќи се во политичка партија, останаа само грст поединци раштркана наваму, натаму секој со својата лична политичка амбиција.
А барем да беа вистински анархисти. Ќе ја имаа и мојата почит. А кој знае, можеби и мојот глас. Вака, освен тужба за новинарски збор, ништо друго не остана од иницијалното социјалнои движење Ленка. Ниту пак од политичката партија Левица.
Ништо. Ниту „Л“ од Левица ниту „Л“ од Ленка.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.