Иницијативата „Спас за Струмичка котлина“, под слоганот „Стоп за рудникот на смртта – Иловица!“ успеа да ја оствари својата цел – да се избори за референдуми во општините Босилово и Ново Село, на кои граѓаните сами ќе решат дали се „за“ или „против“ отворањето на рудникот во Иловица.
Според Бранко Бенинов, еден од членовите на Иницијативата, најголемата закана за успешноста на референдумот се притисоците кои се очекуваат во предреферендумскиот молк.
„Ние сме потготвени да сториме сè, за да не нѝ се повтори Валандово. Постојано сме на терен и во комуникација со граѓаните и можам да кажам дека од она што досега го слушнавме и видовме, 99% од нив, се против рудникот. Сепак, мора да бидеме внимателни, бидејќи не сакаме да не снајде она што му се случи на Валандово, а му се случи токму во оние 48 часа на предреферендумски молк“, вели Бенинов во изјавата за ЦИВИЛ Медиа.
Од Иницијативата потенцираат дека веќе неколку месеци се во постојан ангажман, на терен, и ја информираат јавноста за последниците од отворањето на рудникот Иловица, преку пропаганден материјал, брошури, плакати, флаери, транспаренти, спотови и со озвучување.
„Нашата Иницијатива е докажано независна, натполитичка и натпартиска – таква мора и да остане ако сакаме успех. Ние не сме т.н. професионални граѓански активисти, кои профитираат од активности што често се само теоретски. Ние се зафативме со реален и горлив проблем и сега ни е потребна поддршка. Победата на референдумите можеме да ја извојуваме само сите заедно во Струмичко, подразбирајќи што поширок круг на субјекти кои се свесни за опасностите од рудникот, кои ја разбираат неопходноста од сеопфатна кампања и кои се подготвени да помогнат… Како што е очигледно, овие активности против рудникот ги покренавме за добробит на сите во Струмичката котлина, бидејќи сите сме егзистенцијално засегнати на повеќе нивоа, особено струмичката економија која ќе биде сериозно загрозена од последиците од рудникот. Ако е за добробит на сите, тогаш сите треба и да учествуваат, секој на свој начин, во рамките на своите можности. Заедно сме посилни и заедно ќе го решиме проблемот!“, се вели во една од пораките на Фејсбук страницата на непрофитното еколошко здружение „Здрава котлина“.
Нашиот соговорник Бенинов вели дека покрај нивните активности, зголемени се и активностите на „Еуромакс“, фирмата-инвеститор на рудникот, чии претставници, според сведоштва на граѓанките и граѓаните, оделе по продавниците во населените места и „му ветувале мед и млеко на населението“.
Маја Ивановска