Последен ден од работната недела, а Собранието уште се обидува да ја убеди опозицијата да учествува во креирањето на нацрт -амандманите за уставни промени.
Осумтемина пратеници, пак, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за пристапување кон уставни измени сè уште го договараат натамошниот начин на делување во СОбранието. До понеделеник би требало да се официјализира, најверојатно, формирање на уште една пратеничка група во Собрание, на што тие имаат право.
Од пратеничката група на СДСМ велат дека се остава време за вклучување на пратениците од опозоцијата во консултациите, иако изразуваат песимизам дека тоа ќе се случи. Доколку тоа не се случи, во консултациите, велат тие, ќе биде вклучена евентуално новата пратеничка група.
Владата денеска донесе одлука за формирање Комисија за пренос на техничките уреди за следење на комуникации и на техничката документација од Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција (ОТА), што беше формирана со посебен закон со цел да се реформира процесот на следење на комуникациите и да се спречат наматошните злоупотреби при спроведувањето на овие мерки.
Комисијата, составена од претставници од МВР, ОТА, Врховниот суд, Јавното обвинителство, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите има задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникации, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од УБК во ОТА, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача. Собрнието минатиот месец со 83 гласа „за“ го изгласа Зоран Ангеловски за прв човек на новоформираната агенција.
ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска додели уште пет награди за најуспешните и највлијателните стории на граѓански новинар(к)и во рамки на проектот „Граѓански објектив“.
Овој пат наградените стории се однесуваат на проблемите со екологијата и урбанистичкиот хаос, како и на насилствата и говорот на омраза кои се сè поприсутни во изминатиот период со оглед на политичките и општествените состојби во земјата.
Б. Јордановска