Мандат
Седницата на која ќе се разгледува предлогот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски најверојатно ќе се најде на собраниска седница меѓу 10 и 15 јуни.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека на истата седница би можело да се расправа и по предлогот за реконструкција на Владата.
„Пред 10 јуни нема да биде зашто пратениците имаат обврски, а после 15 имам планирано службено патување во Кина. Така што нема пречка двете точки да се стават на дневен ред на иста седница“, рече Џафери.
СЈО
Апелациониот суд по поднесена жалба му го укинал притворот на екс премиерот Никола Груевски, одреден за судскиот случај „ТНТ“, односно за рушењето на „Космос“.
Обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, од судечкиот совет побара на Груевски повторно да му биде одреден притвор, поради постоење на ризик од повторно бегство.
„Повторно бараме на Груевски да му биде одреден притвор, според член 165, став 1, точка 1, од Законот за кривична постапка, бидејќи тој веќе еднаш избега, па постои ризик тоа да го направи и во иднина“, рече Рустеми.
Адвокатот на Груевски, Мехмет Сефери, одреден по службена должност пред судот рекол дека останува на претходните жалбени наводи.
„Бомби“
Откако се подбиваше со информацијата на МВР дека го утврдила идентитетот на објавувачот на најновите „бомби“ за ДУИ, партијата на Али Ахмети, профилот Ел Чека повторно на својот Фејсбук профил објави снимка од нелегално прислушувани материјали.
Во снимката наводно телефонски разговараат ексминистерот за правда, Блерим Беџети, со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во врска со екстрадиција на осуденик во случајот „Монструм“.
МТСП
„Се забележува напредок во социјалната инклузија и заштита. Сиромаштијата е сѐ уште сериозен проблем, но се очекува подобрување на состојбата со новиот Закон за социјална заштита кој овозможува гарантиран минимален приход за сите невработени“, се вели во извештајот на ЕУ во однос на напредокот на Република Северна Македонија во делот на труд и социјална политика.
Социјалната реформа предвидува унапредување на правата на лицата со попреченост и сите ранливи категории, што е во согласност со заклучоците на ЕУ според кои лицата со попреченост и Ромите се во најголем ризик од сиромаштија.Во извештајот се поздравува и воведувањето на таканаречената социјална пензија, имплеметацијата на „Гаранцијата за млади“ и пилотирањето на услугата персонална асистенција, која во новиот Закон станува и загарантирано право. За „Гаранцијата за млади“ се вели дека е многу важен и позитивен чекор за намалување на младинската невработеност во земјата. Преку оваа мерка изминатата година се вработија 1.839 млади.
За оваа година МТСП издвои 300% повисок буџет за предучилишно образование. ЕУ ги истакнува инвестициите во нови градинки и високо квалитетни обуки за кадарот, како и системските мерки на министерството за поголема инклузија на децата Роми во градинките.
ЦИВИЛ
ЦИВИЛ – Центар за слобода организира трибина „КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО“, посветена на истоимената иницијатива за укинување на привилегиите на функционерите. Трибината ќе се одржи на 5 јуни (среда) во клубот Менада (Стара Чаршија), со почеток во 17 часот. Трибината ќе биде пренесувана во живо на социјалните профили на организацијата.
Барањата за укинување на привилегиите на СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ, избрани и именувани, поранешни и сегашни, на локално и на државно ниво, беа објавени во соопштението на ЦИВИЛ на 14 мај. Организацијата ги достави барањата до Собранието на РСМ на 17 мај 2019 година, во пет минути до дванаесет часот. Голем број медиуми ги објавија барањата на ЦИВИЛ, а граѓанките и граѓаните ја изразија својата поддршка преку стотици коментари, но и јасно формулирани предлози како да се регулираат привилегиите на функционерите. До ЦИВИЛ веќе стигнаа повеќе предлози, па дури и подготвен законски текст за регулирање на позициите и статусот на функционерите и административците, што ќе биде споделено со јавноста на самиот настан.
ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да се придружат на иницијативата КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО и да придонесат кон укинување на привилегиите на функционерите, односно нивно регулирање и ставање во разумни рамки, соодветни на можностите на граѓанките и граѓаните.
На 5 јуни, пред почетокот на трибината во 17 часот, уште од 13 часот натаму, на истата локација, тимот на ЦИВИЛ ќе биде на располагање за изјави за медиумите, средби и консултации со граѓанките и граѓаните чии предлози и документи се добредојдени.
Д. Т.