Собраниска разрешница со двотретинско мнозинство за предлог уставните промени на Влада конечно се постигна во доцните вечерни часови во петокот, на 19 октомври. Денешниот ден е во знак на очекуваната посета на Метју Палмер, заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, очекувањата на Владата за пратеничко обединување по нацрт –амандманите, кривични пријави за говор на омраза и тековните судења по предметите на СЈО.
Метју Палмер во Македонија
Палмер денеска се сретна со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за правда Рената Дескоска и со претставници на политичките партии.
На средбите Палмер имаше прилика да ги слушне различните толкувања за последните политички случувања во земјата, спроведувањето на Договорот од Преспа, реформите како и Евроатланската интеграција.
Владата и предлог промени во Уставот на Република Македонија
Владата има петнаесет дена рок, како предлагач на уставните измени, да достави нацрт-амандмани на Уставот до Собранието.
Во Собранието на Македонија денеска започна постапката за формирање тело за помирување, едно од четирите барања што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени го доставија до Парламентот.
Како коментар за барањата на пратениците од опозицијата што гласаа „за“, премиерот Заев вчера истакна дека имал прилика да види четири точки и да ги прочита многу внимателно. Тој изјави дека скицирањето на нацрт амандманите ќе биде со учество на опозицијата.
Со гласањето во Собранието во петокот, заврши првата фаза од измените на Уставот. Во втората треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас во Собранието. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Најави за промена на лидерот на ВМРО –ДПМНЕ
На социјалните мрежи денеска се рашири веста дека е можен вонреден конгрес на партијата, на кој ќе дојде до промена на партискиот лидер.
Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ излегоа со информацијата дека зад одлуката на осумте пратеници од ВМРО –ДПМНЕ што гласаа „за“ уставните промени стои Сашо Мијалков.
Една од информациите што многу се коментираа беше и онаа на Поранешниот претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Делчево, Драган Христов, кој смета дека претстои сценарио за оставка на Христијан Мицкоски преку вонредниот конгрес и поставување на Митко Јанчев за претседател на партијата.
Предмети на СЈО
Денеска продолжија судските рочишта за предметите „27 април“ и „Топлик“.
За случајот „27 април“ на Основното јавно обвинителство обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. За „Топлик“ на обвинителната клупа е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како првоосомничен за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.
Набљудувачи – агитатори
Од извештајот за мониторинг на референдумот ги издвојуваме набљудувачите што беа исто така предмет на мониторингот на ЦИВИЛ.
Во низа случаи, од извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ можат да се забележат различни примери на нерегуларности, како непоседување беџови за идентификација и овластувања од Државната изборна комисија, а во десетина нотирани случаи, набљудувачите и не знаеле од кое здружение доаѓаат.
До ЦИВИЛ стигнаа и неколку пријави дека имињата и презимињата на гласачите кои доаѓаат да гласаат се читаат на глас и се запишуваат од страна на другите набљудувачи.
ЦИВИЛ продолжува да објавува делови од извештајот од мониторингот на Референдумот кој се одржа на 30 септември кога гласачите одлучуваа „за“ или „против“ прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција.
Б. Јордановска