Од утре трговците со нафта сами ќе ја утврдуваат цената на нафтата и нафтените деривати, откако минатата недела престана да важи старата методологија за пресметка, а новата не се донесе.
Надлежните сепак не очекуваат дека ова ќе донесе главоболки за граѓаните, бидејќи добиле уверување од компаниите оти ценовен шок не треба да се очекува. Од Регулаторната комисија се надеваат дека трговците ќе бидат коректни и нема да предизвикаат ценовни шокови. За новите цени граѓаните ќе можат да дознаат само на бензиските станици. Трговците за цаната ќе одлучуваат само една недела, по што се очекува дека најдоцна до 20 мај ќе биде донесена новата методологија.
Цените на нафтените деривати, утврдени купопродажниот договор за Окта, кој официјално истече на 8 мај, важат уште денеска, односно до ноќеска на полноќ. Од утре важат нови правила, кои всушност и ги нема, поради тоа што екс претседателот Ѓорге Иванов не стави потпис на неопходните законски измени. Се очекува деновиве тоа да го стори новиот претседател Стево Пендаровски.
Инаку регулаторната комисија за енергетика и водни услуги денеска ќе одржи подготвителна седница. На неа ќе се разгледува Предлог-текст на правила за пазар на природен гас.
М. И.