Од првиот ден по преземањето на функцијата, новинарите имаат едно јавно барање до новоизбраниот претседател на државата, Стево Пендаровски.
Тие му порачуваат да почне со реформи од секторот за односи со јавноста, да ја отвори вилата Водно за новинарите, а предлагат и конкретни промени во ПР службата.
„Четири години се криеја во Вила Водно, скоро никогаш не одговорија на прашања на новинарите, а денеска излегле да не пречекаат пред влезот. Комуникација помеѓу новинарите и претседателскиот кабинет не постоеше. Баш би сакал да знам како ја заработувале платата луѓето ангажирани за ПР? Ако барем малку Пендаровски ги почитува новинарите оттука треба да почне, уште денес од ВилаВодно треба да летаат Александар Чочевски, Мартин Георгиев и Билјана Костовска”, пишува новинарот Фуркан Салиу.
И многу други новинари го поддржаа предлогот на Салиу истакнувајќи ги тешкотиите кои ги имале за да контактират со кабинетот на екс претседателот изминативе 10 години. Оваа институција била најзатворена за јавноста. Новинарите се пожалија дека не добиват одговори за нивните барања и прашања, а исто така и во излагањата на Ѓорѓи Иванов немале можност да постават прашања бидејќи претседателот заминувал веднаш по одржената прес конференција.
А. Зеќири