Categories

ИДЕНТИТЕТИ Новите генерации ги надминуваат етничките, националните и верските идентитети

пишува: Сашо Орданоски

Денешната, особено поновата генерација, сѐ повеќе живее најмалку два вида на идентитети. Едниот е реалниот идентитет, оној со кој се носат и тој е прилично фрагментиран, оној со кој се носат во секојдневниот живот во кој се социјално будни, во кој се во директен социјален контакт. Но, истовремено живеат и во виртуелен идентитет. Тој виртуелен идентитет им станува дури и поважен, оној што го негуваат за себе и почнуваат да веруваат дури и повеќе во него, отколку во реалните идентитети, за тоа како изгледаат на Фејсбук, Инстаграм, што твитаат, кои се нивните Фејсбук страници, во смисла – што постираат за себе, за другите да ги мислат такви, какви што тие посакуваат да бидат…

Во денешно време тешко е да се разговара на стариот начин за тоа што значат и како се формираат колективните и личните идентитети. Наспроти некогашните дефиниции кои подразбираа една многу статична ситуација во формирањето на тие идентитети, денес тие се потпираат на нови начини на кои што се формираат и се развиваат тие сѐ подинамични категории. Нивното меѓусебно влијание е исклучително големо, но и независно од некои национални стереотипи, независно од некои национални рамки, во кои се прават обиди да се развиваат некои идентитети.

Дефинициите за тоа дека суверенитетот на државите, етаблираните и единствените државни системи, какви што се оние за образование и за култура, можат да влијаат врз заедницата и врз формирањето на заедничките идентитети, а со тоа и индивидуалните идентитети, денес се веќе прилично застарени концепти.

Денешниот модерен човек е изложен на огромен број фрагментации, на помали и поголеми прашања што се врзани, не само за неговиот живот на одредена територија и во одредена заедница, туку и во еден перманентен контакт со една, практично, безгранична заедница со која тој дневно комуницира. Од таму, тој дневно црпи информации што не завршуваат само на она што се дефинира како негов јазик, како негова официјална вера, како некоја официјална историја од која потекнува или на сетот традиции од каде што извира неговиот вредносен систем, предубедувањата, основните претпоставки во градењето на карактерите.

Денешната, особено поновата генерација, сѐ повеќе живее најмалку два вида на идентитети. Едниот е реалниот идентитет, оној со кој се носат и тој е прилично фрагментиран, оној со кој се носат во секојдневниот живот во кој се социјално будни, во кој се во директен социјален контакт. Но, истовремено живеат и во виртуелен идентитет. Тој виртуелен идентитет им станува дури и поважен, оној што го негуваат за себе и почнуваат да веруваат дури и повеќе во него, отколку во реалните идентитети – за тоа како изгледаат на Фејсбук, Инстаграм, што твитаат, кои се нивните Фејсбук страници, во смисла – што постираат за себе, за другите да ги мислат такви, какви што тие посакуваат да бидат…

Темата за модерните идентитети, за стекнувањето и за нивното губење, сѐ повеќе ги надминува раговорите за она што е една држава и што, како организиран систем, може да го понуди во смисла на некакво формално образование. Бидејќи денес, формирањето на идентитетите помалку зависи од формалното образование, а повеќе од квалитетот, разновидноста, комуникативноста на тоа образование, за да ги направи луѓето дел од светот, а не само дел од националната заедница на која што припаѓаат. Истовремено, влијанијата кои се неформални и кои не можат да бидат контролирани од некои официјални системски контроли, се толку големи и се практично вон контролата на некој официјален систем. И влијаат врз можноста, во оваа глобализирана култура со безгранични можности, да може да се комуницира со светот. Едноставно, не можете да ги контролирате напливите на градењето на нечиј идентитет.

Поместени се границите на приватноста, а приватноста е област во којашто човекот е преокупиран со сопствениот идентитет, со идентитетот на децата, семејството… Во тој упад во приватноста не спаѓаат само државите со обидите да заземат што повеќе простор, да го стеснат просторот што би требало да се смета за приватност, туку и самата подготвеност на луѓето, на индивидуите, да понудат што повеќе информации за себе, понекогаш и несвесни за границите, за тоа што претставува само нивна приватност…

Така, има споделувања на содржини што отсекогаш биле сметани за нечиј приватен живот. Денеска е на некаква јавна сцена исфрлено нешто што потоа добива свој живот само по себе, и што потоа, се враќа врз индивидуалните карактеристики на нечиј идентитет, на начин на кој тоа не може да биде контролирано. Со други зборови, да се разговара за губењето и стекнувањето на идентитетите во ова модерно време, е да се разговара всушност, за сѐ подобро образование на луѓето, што подобра вклученост во она што се подразбира како глобализиран свет; да се разговара за свесноста за тоа до каде се лимитите на приватноста и што може и што не може да биде употребливо и злоупотребено во таа сфера. Да се биде свесен дека повеќе не постојат физички и географски ограничувања. Малите култури како што е македонската култура и другите култури што овде егзистираат, како што е албанскиот културен модел – тоа се култури што се изложени на такви големи влијанија, што веќе не можете на традиционален начин да ги одбраните нивните идентитетски компоненти. Денес, практично, ако некој не говори англиски јазик, џабе му е ако совршено го владее македонскиот, бидејќи неговиот пласман во модерното време сѐ повеќе зависи и од можноста да комуницира со светот што не завршува на Табановце, туку се проширува на целата, глобална, Земјина топка.

Денешните идентитети се идентитети на конфузија, идентитети кои најчесто се во еден процес на менаџирање на кризите, во еден секојдневен предизвик да се носите со оспорувањата што не се прават на некоја контролирана, непходно национално-етничка база, туку се прават во смисла на тоа дали сте способни или не да влезете во едни повисоки терцијарни структури во животот и на поединците и на заедниците, а тоа значи, да бидете доволно опремен со сите квалитети за комуницирање со целиот свет…

Во таа смисла, државата има своја улога, бидејќи, сепак, тоа е еден организиран систем во општеството што контролира одредени текови важни за формирање на идентитетите. Пред сѐ, мислам на формалните структури на образованието, содржините што таму се изучуваат, потоа, третманот на семејството и подобри статусни, социјални услови во кои се развиваат семејствата, но исто така, и општествената заедница која што во своите, не само политички, туку и општествени димензии, влијае врз формирањето и промената на било чиј идентитет. Значи, државата ги има тие можности бидејќи располага со ресурси што можат врз сето тоа да влијаат, но, во одредена граница, се плашам дека и формалните интервенции на државните системи не се повеќе во можност да ја одредуваат динамиката на развојот на идентитети…

Факт е дека новите генерации веќе се наоѓаат во ситуација кога имаат изразена потреба да ги надминат своите етнички, национални и верски идентитети. Одреден повратен удар е тоа што, сепак, и во таква огромна отвореност на светската глобална култура, луѓето влегуваат со предубедувања, со стереотипи и со извесна потрага по потврда на она што веќе го имаат како стереотип во себе и покрај тоа, што информативната понуда е толку голема, што е практично безгранична. Сепак, влегуваат во потесни барања на она што ќе го потврди нивниот карактер, нивниот идентитет, нивниот склоп од вредности, предубедувања кои ги носат со себе. Заради тоа, често се наклонети, во една комбинација на дневен притисок, меѓу безграничните можности, да бираат да станат статични, да станат конзервативни во своите избори, дури да се радикализираат, особено во политичка смисла… Тоа, се разбира, се враќа со зголемување на нивото на несигурност, со страв и кај поединците и кај заедниците, што води до една контракција во политичка смисла, која што ги прави сѐ поконзервативни во нивоата на толеранција кон другите, во нивоата на прифаќање на туѓите искуства….

Овој натпревар што во моментов се одвива помеѓу притисокот на една глобализирана културна сцена, глобализирана политичко-општествена сцена и потребата од некаква персонална индетитетска сигурност, доведува до една висока доза на триење кај индивидуите, кај самите личности. Тие дози на триења рефлектираат со низа, не само општествени, туку и друг вид на патологии, психички, лични… Сѐ повеќе има распространување на депресиите, сѐ повеќе имате распространување на некакви фобии што се резултат на одредени општествени околности во кои живееме. Тоа, пак, придонесува кон една општествена контракција во која што, наместо да се понуди и да се искористи најдоброто што го носиме, честопати знаеме да бидеме наклонети кон она што претставува еден непродуктивен начин на гледање на реалноста на сопствените перспективи, на перспективите на заедницата…

Значи, градењето, зачувувањето, менувањето на модернитетите е нешто што се опира на традиционалните начини, на тоа како некогаш се дефинираа идентитетските карактеристики и процеси на формирање. Сѐ повеќе, овој тип на идентитетски конфликтни динамики зависат од фактори кои се вон контрола на формалните структури на општеството и на државите.

Исправени сме пред еден голем наплив од влијанија за коишто, за да можеме на конструктивен начин да ги преработиме, е неопходно веќе во некакви рани адолесцентски и постадолесцентски години на живеење, да имаме личности кои ќе можат – заради своето образование, заради своите социјални статуси и улогите кои ги имаат во општеството – да бидат стабилни и да бидат отпорни на нивното искривување и одењето во некакви општествени, малигни, деструктивни правци.

Тоа е тежок предизвик за секое модерно општество, гледаме дека и индивидуите, личностите во многу поголеми културни и државни заедници од Македонија, поминуваат низ огромни предизвици. Но, мислам дека, на крајот, не постои друг избор, не постои друг начин, освен да создаваме генерации кои на тој начин ќе имаат отпорност да се спротивстават на лошите предизвици пред коишто ќе бидат исправени во некаква блиска и среднорочна перспектива што, безмалку, веќе е видлива.

Во оваа смисла, да бидам докрај политички актуелен, кога ги гледам денешните расправи за тоа како менувањето на македонскиот Устав или како последиците од Преспанскиот договор, евентуално, ќе влијаат врз идентитетските прашања на Македонците, морам да кажам дека преовладува една иронија кај мене.

Модерните идентитети, без разлика како се дефинирани во уставите, кои се носечки документи на некакви официјални културни, државни и општествени заедници, влијаат врз тоа како, всушност, се развиваат идентитетите во стварноста. Според тоа што ќе пишува во Уставот и дали македонскиот јазик ќе биде заштитен со некакви уставни претпоставки како што и ќе биде, дали табличките на автомобилите ќе имаат ваква или онаква ознака и дали некакви кодови ќе ви го кодираат вашето постоење, реално стварноста што е динамична, како што опишувам, се разбира, дека има помалку важност отколку тоа – дали ќе успееме да направиме добар образовен систем! Дали ќе успееме да направиме културниот процес биде процес, а не само продукт што ќе се третира само фестивалски?!

Дали ќе успееме да направиме доволно креативни, способни и добро образовани млади генерации што ќе можат да ја поминат македонската граница и ќе можат да се пласираат во светот, за да ни се вратат како такви тука, со новите искуства што ќе ги освојат. Тоа значи, по три-четири дена од донесувањето на некакви уставни промени, тоа ќе биде заборавена содржина, она што ќе се важи е дали ќе ни успеат реформите во општеството со кои ќе создадеме граѓани што ќе можат да одговорат на модерната понуда и побарувањето од светот, бидејќи ние сме дел од светот. Ние не живееме во сопствените, некакви национално- клаустрофобични граници, во кои се расправаме за некакви тривијални теми од историјата, за личностите од неа, свртени наназад, наместо кон напред…

Со други зборови, треба во таа материја да се влезе храбро, бидејќи перспективата не подразбира да сакате нешто, да закочите и статично да го третирате, туку морате да бидете подготвени за сето она што подразбира една динамична интернационална ситуација во којашто се развивате во конкуренција со сите други, и своите и туѓите идентитети.


Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email