Со 61 глас „за“, по прво читање, поминаа двата закони со кои се предлага формирањето на новото мимистерство кое ќе го замени Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Поддршка дадоа пратениците од сите парламентарни групи и од власта и од опозицијата. Во своето излагање координаторот на ДУИ, Ејуп Алими, рече дека новото министерство ќе работи во унапредување на правата на сите заедници во земјава и се радува дека поддршка дадоа пратеници од сите партии и етнички заедници.
Но дел од пратениците, кои ги застапуваат помалку бројните заедници, иако гласаа „за“, излегоа со свои забелешки и барања. Пратеникот Зеќир Рамчуловиќ рече дека бошњачката заедница не е доволно застапена, а нема воопшто функсионер во извршната власт. Затоа тој побара новиот министер кој ќе раководи со новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците да биде токму кадар од бошњачката заедница.
“Со овој закон и со формирањето на новото министерсрво ќе придонесеме во создавањето на општество за сите. Во актуелната влада има министри, заменици министри и државни секретари од сите етнички заедници, а само од бошњачката заедница нема ниту еден. Од 10 министри без протокол нема ниту еден од бопњачката заедница и од почеток сум кажал дека ова го чувствувам како дискриминација. Јас мислам дека имаме способни кадри од бошњачката заедница и за другите позиции но и за оваа позиција. Мислам дека грешката направена тогаш, сега ке се поправи”, рече Рамчуловиќ.
Пратеникот од владината коалиција кој доаѓа од турската заедница, Енес Ибрахиќ, излезе со предлог за гарантирани пратенички места за помалку бројните заедници. Со ова, рече тој, ќе се истакнат и тие заедници и нема истите да бидат во зависност од поголемите партии.
А. Зеќири