Дали навистина граѓаните, гостите и угостителите на Град Скопје добија независен Градоначалник или бившата Претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија и неговите членки си добија сопствен Градоначалник“, прашуваат од Независната угостителска комора (НУК) во нивната реакција до јавноста.
Независната угостителска комора на 25 Ноември 2021 година до Градоначалничката на Град Скопје достави барање за работна средба – работен појадок со угостителите од град скопје и дискусија за унапредување на угостителската индустрија во Град Скопје, додека на први Декември 2021 година доставиле и потсетување на поканата за работна средба – работен појадок со угостителите од Град Скопје.
„Дури и двата телефонските разговори со секретарката на Кабинетот на Градоначалничката на тел. број 02-3297204 за информација за очекување на добивање повратна информација и пред новогодишен термин за организирање на работната средба не вродија со резултат на добивање конкретен одговор, што не води до заклучокот и прашањето за тоа со каков Градоначалник ќе ја развиваме угостителската индустрија во градот Скопје“, велат од НУК.
„Со цел да можеме да се запознаеме повеќе со програмите, плановите и идеите што Градоначалниците ги планираат за развој и поддршка на угостителите и угостителскиот сектор и да ги информираме за очекувањата и проблемите со кои угостителите на локално ниво се соочувале во минатото работење започнавме со барања за организирање на годишни работни средби.
Првото барање е доставено до Градоначалничката на Град Скопје со цел да се запознаеме со нејзината програма за поддршка, развој и унапредување на работењето на угостителите и ноќниот живот. Во иницијалното барање доставивме предлоза на генерални точки за дискусија и тоа:
– Планирани активности и стратегии на Град Скопје поврзани со угостителите и угостителската индустрија за време на мандатот на новата градоначалничка Данела Арсовска
-Можности и начини на соработка со Градот Скопје и македонските општини односно ЗЕЛС за начини и бенефити од креирање на единствен заеднички национален регистар на угостителски објекти, сместувачки објекти од мал обем и регистар на физички лица што вршат угостителска дејност
– Барање за отворање на Канцеларија за ноќен живот и култура и именување на Градоначалник за ноќен живот по примерот на останатите Европски главни градови за промоција на ноќниот живот
– Предлози, насоки и стратегии за развој на угостителската индустрија во Град Скопје од страна на угостителите со барање за усогласување на постојните правилници на локално ниво поврзани со угостителската индустрија.
„Дали градоначалничката на Град Скопје воопшто планира да се сретне со претставници на НУК и со претставници на реномирани угостители или пак, своите средби ќе продолжи да ги прави позади затворана врата само со угостители членки на Сојузот на стопански комори на Македонија? Игнорантскиот однос нѝ укажува дека новата градоначалничка ниту имала ниту планира некаква програма и идеја за поддршка, развој и унапредување на работењето на градските угостители или, едноставно и просто, кажано нема намера воопшто да се замара со угостителите на град Скопје кои не се членки на Сојузот на стопански комори на Македонија“, прашуваат од НУК..












