УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Да се случеше годинава Македонија да ПАДНЕ за 24 места во годишниот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, верувам дека тоа ќе беше главната вест на неделата (што ќе се „растегнува“ цела година) за сите медиуми, политички фактори, невладини организации, коментатори и други модератори на овдешното јавно мнение. Ќе имаше посебни (и посебно хистерични) прес-конференции, дузина дебатни емисии, специјални прилози и соопштенија со кои ќе бевме преплавени за „општиот хаос во државава“ и за „криминалите на власта“.
Вака, бидејќи рејтингот ни е ПОДОБРЕН за цели 24 места, тоа речиси и да не е вест, многу медиуми протоколарно ја одбележаа, потиснати со вестите од Софија, невремето во Турција, настаните околу Украина, состојбата со пандемијата и новите гаќи на Карлеуша. Ова ќе биде вест за еден ден, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Катастрофа: Словенија забележала пад од 6 места на Индексот за корупција!“.
Во својата изјава таа додава дека „Нашите институции во целост ги преземаат сите мерки за заштита на македонските граѓани. Во координација сме со релевантните институции задолжени за безбедноста на граѓаните во државата и надвор од неа. Наша цврста позиција на која стоиме е дека недвосмислено го почитуваме Вашингтонскиот договор и сите фундаментални договори кои ја гарантираат безбедноста на Европа“.
Во врска со евентуалниот ангажман на македонски војници при ескалација на конфликтот, министерката изјави дека ангажманот на нашата Армија, како и на армиите на сите други земји членки на НАТО, се дефинира на конференциите за генерирање на сили кои конкретно за оваа тема се одржуваат под координација на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО. На овие конференции секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно сопствените можности. Во овој момент, нашата армија како дел од тие структури има обврска и веќе изготвува анализи за можностите за потенцијално наше учество, односно ангажман, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Кога критиката ќе ја загуби смислата“.
СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: Денешниот Утрински брифинг од 7.30 до 11 часот е во тек!
„Утрински брифинг“ е местото каде секој работен ден од 7.30 до 11 часот, низ динамична програма со актуелни информации, анализи и разговори со гости, се поставува општествено-политичката агенда на денот.
Брза пошта, ВАША рубрика во Слободна зона: Останете гласни!
Неодамна, Цивилмедиа.мк воведе нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ: Во организација на Министерството за надворешни работи, денеска во просториите на Меморијалниот центар на холокаустот – Скопје, ќе се одржи комеморативно одбележување на 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.
Домаќин на настанот ќе биде заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, a ќе се обратaт и министерот за дијаспора на Државата Израел, Нахман Шаи, претседателката на Собранието на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Радојка Хелман-Денковска, амбасадорот на Грција во својство на земја-претседавач со ИХРА, Русос Кондурос, заменик шеф на Мисија во Амбасадата на САД, Ерик Мејер и координаторката на Европската комисија за борба против антисемитизмот и унапредување на еврејскиот живот, Катарина фон Шнурбеин.
СЕДНИЦА: Собранието денеска треба да ја одржи 61-та седница, на чиј дневен ред, меѓу другото, е Предлог одлуката за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ). Во рамки на седницата пратениците треба да расправаат и за Предлогот за изменување на Одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, како и Предлог одлуката за давање согласност на Годишна програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2022 година. На дневен ред на седницата е и Предлог одлуката за давање согласност на Финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2022 година и Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2022 година.
БУЏЕТ: Во Парламентот денеска треба да се одржи седница на Буџетскиот совет на Собранието. На дневен ред на седницата единствена точка е Предлог-одлука за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на собраниските службеници за 2022 година.
КУЛТУРА: Книгата со фотографии „Џоломарите“ од Сашко Илов, Цветанка Темкова Илова и Гоце Давидов вечер ќе биде претставена со онлајн-промоција. Онлајн-разговорот со Сашко Илов, еден од авторите на фотографиите во книгата, ќе го води уредникот на изданието Филип Видиновски, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Книгата, која е двојазична, на македонски и на англиски јазик, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата е фотораскажување за паганскиот ритуал џоломари.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев