ВЕСТ НА ДЕНОТ
Оддавање почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија
На Меѓународниот аеродром „Скопје“ пристигнаа двата авиона со посмртните останки на жртвите во автобуската несреќа во Бугарија.
По повод пристигнувањето на останките на Скопскиот аеродром е организирана церемонија на која присуствуваат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот Љупчо Николовски, министрите Бујар Османи, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Насер Нуредини, Јагода Шахпаска и Благој Бочварски, пратеници, како и поглаварот на Исламската верска заедница.
На плоштадот „Скендербег“ во Скопје, пак, се поставени венци пред кои граѓаните можат да им оддадат почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија.
На барање на семејствата на загинатите откажана е поворката која требаше да помине низ главниот град.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Весна Бендевска: Главно и основно, во државата се уште нема регистар колку лица со попреченост има, во кои делови и со каков вид на попреченост се соочуваат. Но, не сметам дека работите треба да се остават така, сите заедно можеме да придонесеме. Ги охрабрувам и здруженијата, и самите лица да се охрабрат и да поднесуват претставки.
-Препораките ги носиме врз база на претставки што сме ги работеле и сме заклучиле дека со истиот проблем се соочуваат поголем број лица. Тогаш законот ни овозможува самоиницијативно да упатиме општа препорака и да го следиме нејзиното спроведување. За жал, мислам дека многу слабо се напредува во заштитата на постојните права и нивното унапредување, изјави на денешната прес-конференција претседателката на Комисијата, Весна Бендевска.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби е ден кој беше промовиран од страна на Обединетите нации во 1992 година. Целта е да се зголеми свеста за подобро разбирање на луѓето кои се засегнати од некаков хендикеп, поттик на луѓето да бидат посвесни за правата, достоинството и благосостојбата на лицата со посебни потреби.
„Лицата со попречености да бидат дел од структурите за донесување на одлуките, да бидат директори, раководител(к)и, пратенички и пратеници, членови на Влада, членови на парламент. Да се крене рампата и да им се дадат еднакви можности во ова општество кое долго време гледаме дека се залага за изградба на едно општество за сите“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, како дел од излагањето на јавниот настан „Рампа“, по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.
ИСТРАЖУВАЊЕ Вкупно 73 проценти од децата на возраст од 1 до 14 години биле подложени на некој насилен метод на дисциплинирање, наспроти само 22 проценти кои биле дисциплинирани без насилство. Околу 67 отсто од децата биле подложени на психолошка агресија, покажува Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на Државниот завод за статистика, спроведено во текот на 2018-2019 година, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените.
Вкупно 45 проценти од децата на возраст од 1 до 14 години биле подложени на какво било физико казнување во текот на изминатиот месец, од кои седум отсто на тешки форми на физичко казнување.
МЕМОРАНДУМ Проблемите со образовната, личната асистенција, пристапот до социјалните услуги, поддршката која треба да ја имаат заедно со неусогласеноста на голем број на закони со Конвенцијата за права на лица со попреченост се слабостите кои граѓанските организации за и на лица со попреченост и на родителските организации ги посочуваат во своите дописи или излагања до народниот правобранител, изјави државната советничка Васка Бајрамовска-Мустафа на настанот на кој 23 граѓански организации кои се дел од Националниот механизам за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, со Народниот правобранител потпишаа меморандум за соработка.
КАМПАЊА По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, заедно со проектите „Поддржување на процесот на преселба на лицата со интелектуална попреченост од институцијата во Демир Капија во станбени единици за поддржано живеење“ и „Добивање живот – деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија“, сите финансиски поддржани од Европската Унија, ја спроведува кампањата за подигнување на јавната свест “Ставете нѐ на вашиот ѕид”.
– Нашите заеднички напори годинава се насочени на подигање на јавната свест за т.н. невидливи попреченост, оние кои не се надворешно видливи или лесно препознатливи. Невидливата попреченост е физичка, ментална или невролошка состојба која не е видлива однадвор, но сепак може да ги ограничи движењата, сетилата или активностите на една личност. За жал, самиот факт дека овие симптоми се невидливи може да доведе до недоразбирања, лажни сфаќања и пресуди од околината. За невидливи попречености се сметаат аутизам, хронична болка и тешкотии во учењето, како и состојби на ментално здравје, мобилност, говорни оштетувања и сензорна загуба, како што се губење на видот, оштетување на слухот или глувост. Респираторни состојби како астма, хронични состојби како што се дијабетес, хронична болка и нарушувања на спиењето, кога значително влијаат на секојдневниот живот, се сметаат за невидливи попречености, велат организаторите на кампањата.
ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ Климатските промени можат да влијаат врз ценовната и финансиската стабилност, односно врз целите на централните банки. Оттаму, централните банки, особено на најразвиените економии, во изминатиот период им посветуваат сѐ поголемо внимание на зелените финансии. Народната банка досега презеде повеќе активности за таа цел, вклучително и определување на зелените финансии како стратегиска цел и пристапување кон меѓународната Мрежа за зелени финансии. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Годишната конференција на Обединетите нации: „Како да се обезбеди финансирање на одржливиот развој“, на панел-дискусијата „Што можат да направат банките и компаниите за одржливиот развој?“
– Има процени дека економската штета од климатските промени изнесува околу 25 отсто од глобалниот БДП. ММФ проценува дека природните непогоди поврзани со климатските промени го намалуваат растот за 0,4 процентни поени, во просек, а кај помалку развиените економии дури и до 0,7 процентни поени. Се проценува дека негативниот ефект во претстојниот период ќе биде уште поголем, особено кај помалку развиените економии, нагласувајќи ја потребата за засилување на активностите на носителите на политиките, но и на меѓународната заедница, наведе гувернерката Ангеловска-Бежоска.
НАГРАДА Новинарот Томислав Кежаровски е добитник на овогодишната државна награда за остварувања од областа на публицистиката и новинарството -„ Мито Хаџивасилев- Јасмин“. Тој оваа вест ја сподели на својот Фејсбук профил.
МОНИТОРИНГ
Набљудувачи на ЦИВИЛ: По изборите во Куманово сите се задоволни и победниците и губитниците
Неколку набљудувачи на ЦИВИЛ од Куманово зборуваат за општата оценка на изборниот процес на Локалните избори 2021, текот на изборниот ден, како и согледувањата во постизборниот период.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Анета Додевска, главна уредничка на националната Телевизија 24. Таа зборува за својот новинарски раст, за новинарството воопшто, за одговорноста на најодговорната, за редакцискиот колектив и новинарските суети, но, и за македонската актеулна политичка сцена, енергетската криза, буџетот и за уште по нешто.
Д.Мишев












