Седницата за одземањето на пратеничкиот мандат на Никола Груевски нема да се расправа денеска бидејќи истата е одложена за утре.
Комисијата, на чело со претседателот Павле Богоевски, треба да донесе одлука дали да му предложи на Собранието да му се одземе мандатот на Никола Груевски, откако Собранието и официјално беше известено од Основниот суд Скопје 1 дека поранешниот премиер е правосилно осуден на двегодишна затворска казна.
Но, извесно е дека Груевски ќе си го задржи мандатот, бидејќи за одземање мандат е потребно двотретинско мнозинство, кое власта го нема, откако независната пратеничка група, составена од осуммината пратеници од опозицијата кои гласаа за отворање на уставот, соопшти дека нема да даде поддршка.
Во судот, пак, Груевски вчера ја прими одлуката на судијата за извршување санкции дека му се одбива жалбата на упатниот акт да се јави во Шутка до 8 ноември, но тој има уште една инстанца за жалба, а тоа е Кривичниот совет на судот. Тој има право во рок од три дена да се жали на одлуката на судијата за извршување санкции, а Кривичниот совет и во случај да ја одбие жалбата, повторно одредува датум кога осудениот треба да оди во затвор.
Пролонгирањето на одењето во затвор е извесно, бидејќи Груевски може да ја поднесе жалбата на истекот на рокот во среда по препорачана пошта, како што тоа го стори претходно, а Кривичниот совет потоа има три дена да одлучи по жалбата.
К. С.