Судењето за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година се одложува за 20 декември, кога ќе треба да бидат изведени дополнителни докази предложени од одбраната на обвинетите.
Дополнителни докази има одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа.
Околу стотина аудио разговори и фотографии предложени од Нинџа ќе бидат изведени доколку бидат доставени од обвинителството, додека изведувањето на доказите од Чавков, Лазаров и Пепиќ зависи од тоа дали ќе бидат декласифицирани.
Обвинителството побара судот да не ги прифати дополнителните докази предложени од одбраната на Владо Јовановски и Влатко Трајковски, за што судот кажа дека дополнително ќе се произнесе.
Одбраната на Мукоски предложи да се изведат стенографски белешки од неколкуте продолженија на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија од април минатата година.
Обвинетите Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски, Јохан Трачуловски, Митко Пешов, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Абдулфета Аљими, Елена Доцевска Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Загарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанчо Ангеловски, Илија Славевски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски Кољо и Митре Митроповски го известија судот дека не предлагаат дополнителни докази.