Повеќе од 700 луѓе се убиени, а 2.800 се повредени за само пет дена откако ескалираа борбите во источниот дел на Демократска Република Конго (ДРК) меѓу 26 и 30 јануари, изјави за новинарите во петокот портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дујарик, пренесе Си-Ен-Ен.
„СЗО (Светската здравствена организација) и нејзините партнери спроведоа проценка со владата од 26-ти до вчера и известија дека 700 луѓе загинале, а 2.800 луѓе се повредени“, рече Дујарик, истакнувајќи дека се очекува овие вкупни бројки да се зголемат.
„Хуманитарните организации во Гома продолжуваат да го проценуваат влијанието на кризата, вклучително и широко распространети грабежи на магацини и канцеларии на хуманитарни организации“, додаде тој.
Гома, најголемиот град во провинцијата Северен Киву во источна ДР Конго, во понеделникот падна под контрола на бунтовничката коалиција АФЦ/М23, изјавија бунтовниците за Си-Ен-Ен. Ова беше последното во низата територијални преземања од страна на групата во последните недели.
Владата на Конго, која ја обвинува Руанда дека го поддржува М23, не го потврди преземањето на Гома од бунтовниците, но призна дека градот бил под опсада.
Д. Т.