Советот на јавни обвинители на денешната седница го избра поранешниот уставен судија и министер за правда Исмаил Дарлишта за обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија.
За прв човек на Вишото јавно обинителство во Битола е именувана Мери Тромбева, а Билјана Стефчева е шеф на радовишкото Основно јавно обвинителство, додека Ханефи Амет од Вишото скопско обвинителство е избран за обвинител во Основно јавно обвинителство во Тетово.
На денешната седница на Советот избрани се и неколку в.д. шефови на обвинителства, кои ќе бидат вршители на должност во наредните еден до два месеца. Тоа, како што појасни претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјов, е едногласно договорено за да може новиот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, да си формира сопствен тим.
За вршител на должност на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал е назначена Гордана Смаќоска, на Основното јавно обвинителство-Скопје е именуван Сашо Рајев, во ОЈО Куманово е избрана Теута Бедиу, во Гостивар Башким Исини, а прв човек на битолското Основно јавно обвинителство останува Антонио Јолевски.
За останатите места за кои беше распишан оглас, тој ќе биде поништен и ќе се објави нов.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.