Унгарија е подготвена да го искористи Претседателството со ЕУ и да посредува во прашањето со Бугарија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, посочувајќи дека има предлог што му го презентирал на премиерот Христијан Мицкоски. Одвојувањето од Албанија, Орбан го оцени како голема грешка и порача дека „Вие до крајот на годината мора да ги започнете преговорите за зачленување во ЕУ“.
Моментално, како што посочи Орбан, навистина изгледа дека придвижување на Северна Македонија е можно „ако на некој начин да се спогоди со Бугарија“.
– Јас за тоа имам свој предлог и го пренесов на премиерот. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник. Тоа е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение, такво какво што одговара и на Македонија и на Бугарија. Но, тоа е работа на страните кои се во судир, ние сме тука да им помогнеме, изјави Орбан, одговарајќи на новинарски прашања на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Во однос на одвојувањето од Албанија, Орбан рече дека „тешко е тоа да се разбере од една нација постојано да ги залажуваат со започнување на преговорите за членство, а потоа сите оние држави со кои заедно тргнаа во овој процес напредуваат, а нив ги држат во позадина“.
– Уште еднаш сакам да нагласам дека националната гордост е најважна за една нација и ЕУ мора да ја има предвид националната гордост на сите држави. А, ова што се случува, тоа е повредување на националната гордост на граѓаните на Северна Македонија и тоа во изминатите десет години постојано се случува, изјави Орбан.
Ако гледаме искрено, посочи Орбан, вие одамна требало да сте членка на ЕУ и ваквиот однос на ЕУ на секој начин прави рани.
– Наше мислење е дека треба да градиме пријателства, а не да задаваме рани на душата на една нација и затоа според мене е голема грешка што Вие се уште не се членка на ЕУ и исто така е голема грешка што ве одвојуваат од една друга држава што забрзано ја форсираат. Затоа единствено решение за тоа Вие до крајот на годината мора да ги започнете преговорите за зачленување во ЕУ, порача Орбан.
Според премиерот Мицкоски, ние не смееме да губиме надеж и да се разочаруваме, нагласувајќи дека е добро што „имаме пријатели во ЕУ, кои што сакаат да го шират нашиот глас во рамките на ЕУ“.
– Жалам што тоа се случува и ние повторно мора да бидеме жртва на билатерализација, а не на исполнување на Копенхагенските критериуми. Но, ние ќе продолжиме да работиме напорно и да ги решаваме проблемите дома, порача Мицкоски.
Фото: МИА