АФЕРА „Аферата што минатата недела „експлодира“ во македонската дипломатија со притворањето на Миле Миленкоски во Врање и причината за неговото апсење е како од холивудските шпионски трилери: криумчарен олигарх, брат на претседател на нам далечна земја, авиони, милиони, тајни служби и јавен резил. Мишн импосибл, Том Круз вода може да им носи“, пишува Сашо Орданоски во колумната Ереван-Виена виа Скопје.
ПРАШАЊА Војо Маневски во својата колумна „Буџетот не е чекмеџе без дно“ поставува незгодни прашања до кандидатите за градоначалници: Како се полни и троши буџетот на секоја локална самоуправа? Често граѓаните прашуваат „каде одат парите од буџетот и зошто нема за сите наши потреби“? Кои се приоритетите во трошењето на парите, услугите на граѓаните или непродуктивни вработувања? Секој што се кандидира треба да ги има одговорите на овие прашања.
„Кои се приоритетите во трошењето на парите? Услугите на граѓаните или непродуктивни вработувања. Штедење за успешно извршување на обврските, можете да најдете само кај платите и трошоците на администрацијата, друго место нема во структурата на буџетот. Има, ама е на штета на услугите“, пишува Маневски.
ПОПИС Продолжува пописот во земјава, во првиот ден за само 12 часа попишани се 91.681 лица, 28.355 домаќинства и 37.404 станови што претставува повеќе од успешен почеток на пописот, информира на неговата официјална страница на Фејсбук министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Претставници на меѓународни финансиски институции, на бизнис секторот и на извршната и локалната власт од земјава и регионот денеска и утре во Скопје ќе дебатираат за економското заздравување и растот по Ковид кризата.
ЕКОНОМСКИ РАСТ ПО КОВИД Конференцијата ќе ја отворат министерот за финансии Фатмир Бесими и претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе се одржат три панели на кои ќе бидат презентирани видувања за тоа како можат политиките најдобро да го поддржат растот, кои се главните предизвици за одржување на безбедноста во светот што се менува, кои фискални и монетарни мерки му помогнаа на бизнисот и кои се ризиците од предвременото повлекување на фискалните стимулирачки мерки.
На првиот панел насловен „Глобални и регионални предизвици и изгледи за опоравување и раст“, најавени се обраќања на Ана Бјерде, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија, Кејт Мери Брнз, амбасадор на САД во Северна Македонија, Ендру Вајт од Окфорд универзитетот, заменик претседателот на Влада, Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, Мајлинда Брегу, генерален секретар на РСС, како и Хаолианг Ху од УНДП.
ИЗБИРАЧКИ СПИСОК До четврток на полноќ граѓаните ќе можат да ги проверат своите податоци за Избирачкиот список, а до сабота на полноќ (11 септември) се поднесуваат кандидатурите за учество на локалните избори закажани за 17 октомври. Учесниците на изборите ги објавуваат и последните кандидати што ќе ги претставуваат, а веќе подолго време се одвива неофицијална кампања со средби со граѓани и на социјалните мрежи.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ По повод 8 – Септември, денот на независноста на Република Северна Македонија, утре во касарната „Илинден ќе се изврши почесна артилериска стрелба.
АПЕЛ На денот на почетокот на пописот, 5 септември 2021 година, ЦИВИЛ го соопшти ставот, оценките и препораките на Организацијата до граѓанките и граѓаните, јавноста, институциите и сите останати.
„Конечно, по речиси две децении, ќе се одржи попис на населението кој нема политичка димензија, туку е статистичка операција која им е потребна на луѓето, на институциите, на бизнисот и на општеството во целост. ЦИВИЛ високо ја оценува работата на институциите, во прв ред, Државниот завод за статистика и смета дека институциите се подготвени, процесот е добро организиран и е во согласност со мерките за заштита од КОВИД-19“ – се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ остро ја осудува политизацијата на статистичката операција Попис 2021 и им посака успешна работа на попишувачите кои ќе започнат со работа на терен од денеска, 5 септември.
„Повиците на бојкот се кривично дело. Структурите што повикуваат на бојкот на пописот имаат цел да се стекнат со политички профит, на сметка на јавниот интерес. ЦИВИЛ ја повикува јавноста да го отфрли и осуди таквото несовесно политичко дејствување“ – повика ЦИВИЛ.
Според ЦИВИЛ, политичките партии, без исклучок, треба да го поддржат пописот преку јавни повици и комуникација со своето членство.