„Веројатно не постои подобар тајминг за оваа средба, имајќи го предвид и формалното потпишување на протоколот за НАТО, со што Македонија и официјално седнува на столчето во евроатланската алијанса“ – изјави Османи на неколкудневната работна посета на Вашингтон со Вилијам Беркли, директор за НАТО и Европски прашава во Националниот Совет за Безбедност при администрацијата на Белата куќа.
Османи истакна дека Македонија останува доверлив партнер на САД во регионот и силно посветена на промоција на западните вредности, демократијата и стабилноста во регионот.
Тој додаде дека Владата е посветена кон реформскиот процес, изградбата на стабилни и цврсти институции, како и добри односи со соседите и посочи на активностите во реформскиот План 18, како основа и за напредок и во евроинтегративниот процес.
Османи оствари посета и на централата на УСАИД во Вашингтон, каде имаше средба со Маргот Елис, Заменик Виш администратор на УСАИД за Европа и Евроазија и централите на најголемите американски меѓународни институти, каде оствари средба со Пол МекКарти, регионален Директор за Европа при Меѓународниот Републикански Институт ИРИ (IRI), како и со Шери Брајан, Потпретседател на Демократскиот Национален Институт НДИ (NDI).
„Во улога на Национален координатор на странска помош, сакам да изразам лично задоволство, секако и да ги пренесам и пораките на благодарност во името на целата Влада, за успешното таргетирање на американската развојна помош во земјата, поставувајќи ги темелите на демократскиот и граѓанскиот развој на земјата“ – истакна Османи.
А. П.