Оставка
Пратеникот Павле Богоевски си поднесе оставка од функцијата пратеник во Собранието, по аферата со аудио снимката.
Одлуката ја соопшти на седницата на Комисијата за мандатно имунитетни прашања во Собранието, на која се одлучува за мандатот на Никола Груевски. Богоевски беше претседател на комисијата.
„Колеги пратеници останете верни на принципите. Знам дека политиката е валкана игра“, изјави Богоевски.
По оставката на претседателот Павле Богоевски седницата на комисијата е прекината, а со неа во иднина ќе претседава неговата заменичка Снежана Калевска Ванчева.
Насилство
МВР уште чека насоки од Основното јавно обвинителство-Скопје за случајот кога сопственик на неколку скопски фирми и хотели С. Ч. во строгиот центар на градот го претепа Бранко Петровски, сопственик на менувачница и кафе-барот „Гарсон“ . Според МВР, физичкиот напад се случил во саботата, на 18 мај, околу 15.45 часот пред менувачница во непосредна близина на хотелот Александар 2.
„Уште немаме добиено одговор од Обвинителството за покрената кривична пријава. Веќе информиравме дека истиот ден е извршен разговор со осомничениот и дека е известено Обвинителството. За случајот ја информиравме јавноста, а ќе информираме и кога ќе биде подготвена кривичната пријава“, за ЦИВИЛ Медиа изјави Ивица Илиевски, портпарол на МВР.
Разрешувања
Премиерот Зоран Заев денеска информира дека донел одлука за разрешување на сите претседатели на општински ограноци на СДСМ.
„Синоќа донесов одлуки, а денеска е ред да ги споделам – ќе бидат изработени решенија од страна на администрацијата на СДСМ и во текот на денов ќе ги потпишам решенијата. Одлуката е – се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на СДСМ. Сакам да им се заблагодарам на сите за активноста, работата, служењето на граѓаните, како претставници на локално ниво на најголемата владејачка партија, на сите претседатели на оние општински организации каде се победи на изборите. Апелирам да бидат повторно кандидати, нека се кандидираат на следниот конкурс кој уште идната седмица ќе биде објавен во постапка – изјави Заев.
Претседател на Република Северна Македонија
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски потпиша укази за прогласување на 18 закони, кои не беа потпишани од претседателот Иванов.
Меѓу потпишаните се указите за прогласување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, на Законот за бесплатна правна помош, на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, на Законот за дополнување на законот за служба во Армијата на Република Македонија, на Законот за прекинување на бременоста, на Законот за изменување и дополнување на законот за субвенционирање на станбен кредит.
Реакции
Назначувањето на Ерол Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање од страна на претседателот Пендаровски, предизвика незадоволство и реакција од ДУИ.
„Вчерашната одлука на претседателот Пендаровски за назначување на директор на Агенцијата за разузнавање нè вознемири сите и стави сенка на вчерашниот ден, кога Собранието ја донесе реформата на безбедносните служби“, изјави денеска вицепремиерот Бујар Османи во улога на портпарол на ДУИ.
Османи вели дека, според информациите на ДУИ, одлуката Пендаровски „не била злонамерна“ и е донесена врз основа на недоволно информации.
Премиерот Зоран Заев изјави дека претседателот има право да назначи личност за којашто смета дека е најсоодветна за Директор на Агенцијата на разузнавање.
Национален ден на Власите
Влашката заедница во земјата денеска го прославува 23 мај –Националниот ден на Власите.
На 23 мај 1905 година султанот на Турското Царство, Абдул Хамид Втори го издал „Ираде” (султановиот декрет) со кој на Власите им биле доделени национални права во Отоманското Царство, можност за избор на свои “муктари” (градоначалници), можност за настава на влашки јазик во училиштата и богослужба на влашки јазик во црквите. На истиот ден, Везирот Сафет Паша го потпишал и издал „Коминикето” со кое на патријаршијата и се забрануваат: националните права, правото на јазик и богослужба.
ЦИВИЛ – активности
ЦИВИЛ – Центар за слобода деновиве ги посети општините Велес, Свети Николе и Лозово, во рамките на проектите „Заедниците против насилниот екстремизам“ и „Зелена иднина“, каде што спроведе работилница, анкети и интервјуа со граѓаните на овие општини.
Д. Т.