Груевски и Богоевски повеќе не се пратеници
На денешната собраниска седница претседателот Собранието, Талат Џафери ја констатираше оставката на Никола Груевски, испратена од Унгарија. Со овој акт, предлогот за одземање на мандатот, што го донесе собраниската Комисија за мандатно имунитетни прашања е беспредметен и беше повлечен. По констатацијата на оставката, спикерот Џафери даде налог ДИК да го испрати наредниот кандидат за пратеник од листата на ВМРО-ДПМНЕ за да може да му биде верификуван мандатот.
Павле Богоевски поднесе оставка поради објавената снимка со компромитирачки разговор по телефон. Тој најави дека ќе му се врати на граѓанскиот активизам од каде и дојде во пратеничките клупи.
Груевски и Богоевски ќе користат ли апанажа?
И Никола Груевски и Павле Богоевски, според законот за плата на пратениците, имаат право на апанажа, односно на плата во висина на досегашната од илјада евра, во рок од една година. Груевски засега нема поднесено барање, а Богоевски вели дека се` уште размислува дали да го направи тоа. Апанажата, сепак, треба да биде одобрена од собраниската комисија за Избори и именувања.
На местото на Груевски во Собранието треба да седне Ѓоко Камчев од листата на ВМРО ДПМНЕ во петтата изборна единица, а Богоевски ќе го замени Александар Филиповски од листата на СДСМ од првата изборна единица.
Дали ДУИ ќе оди по стапките на СДСМ?
Високото претседателство на ДУИ, на вонреден состанок одлучи дека на претстојните внатрепартиски избори, лидерите на ограноците треба да бидат и координатори. Со оваа нова задача, тие нема да имаат право да бидат повторно избрани на позициите, како претседатели на ограноците. На овој начин ДУИ сака да ја смени структура на ограноците со нови претседатели.
Горан Таневски одбележува 35 годишна музичка кариера
Музичарот Горан Таневски на 13 јуни, ќе одржи концерт во Младински културен центар во Скопје, со цел да се одбележат 35 години на неговото присуство на музичката сцена. Таневски ќе настапи како дел од проект што го носи името „Мизар – друго откровение“.
Култниот бенд „Мизар“ е формиран во 1981 година во Скопје од членовите на групата: Горазд Чаповски (гитара), Ристо Вртев (вокал), Илија Стојановски (бас гитара) и Панта Џамбазоски (тапани). Во 1985 година, на местото на Ристо Вртев како пејач дошол Горан Таневски.
Д. Муратов