Моето име е Василиос Царцанис, роден во Понтоераклија и живеам во Поликастро (Кукуш), веднаш до границата меѓу двете држави.
Јас сум и секогаш сум бил ваш сосед.
Јас не сум државен службеник, ниту политичар, себеси се смета за мирољубив активист кој се обидува да ja олесни човековата болка, секогаш кога тоа е можно.
Се сеќавам на нашата граница од моето детство, кога како дете возев велосипед на граничната линија. Во тоа време, вашата земја се уште беше дел од Југославија.
Во последните неколку години, од 2014, активно го следев проблемот со бегалците во Идомени. Бев сведок на болката, очајот и мизеријата во шаторите на десетиците илјади бегалци кои се обидуваа да стигнат до Северна Европа.
Сите овие години, активно им помагав, не само затоа што моите предци исто така биле бегалци (од Турција), туку пред се затоа што тие се исто како и сите нас човечки суштества.
За мене не постоеше и се уште не постои разлика дали некој е класифициран како „бегалец“ од Сирија или „мигрант“ од Авганистан. За мене сите тие се пред се луѓе.
Во еден период границите меѓу нашите две земји мораа да бидат затворени, заради преисполнетиот камп за бегалци во Идомени, насилствата кои земаа се поголем замав и за да се спречи организираниот криминал со експлоатација на овие кутри души.
Европската Унија и многу други невладини организации не беа на врвот на својата задача. Единствениот можен начин за решавање на некои од огромните проблеми коишто се појавија беше да соработуваме со нашите соседи.
Во тоа време го запознав водачот на специјалните сили на вашата земја, господинот Митко Пешов.
Потребата за оваа средба произлезе од недостатокот на комуникација меѓу двете земји. Оваа потреба беше водечката сила која не натера да се спротивставиме на инцидентите од екстремно насилство, неколку ноќи, во близина на границата.
Не ми беше потребно многу време за во ликот на господинот Пешов да препознаам вистинско човечко битие, службеник со вистинска хуманост и сочувство за сите бегалци.
За времето додека служеше на граничната линија, тој од мене побара помош да се обидам да ги смирам очајните бегалци, а јас, пак, од него, побарав помош да се обиде да ги натера своите луѓе да не реагираат со прекумерна сила на вербалните и другите облици на напад коишто ги добиваат од гладните и премрзнати бегалци.
Неколку пати имав прилика да бидам сведок на неговата смиреност и одлучност пред илјадниците бесни и гласни бегалци на граничниот премин. Тој се погрижи ситуацијата да не ескалира, дека никој нема да биде повреден и дека секој ќе добие човечки третман. Тој секогаш беше способен да препознава, имаше слух за сите негови колеги и за барањата на бегалците. Кон сите се однесуваше со почит.
Тој докажа дека е скромен и способен службеник, достоинствена личност со почит за другите и спремен да му служи на законот и редот.
Господинот Пешов беше притворен поради насилните инциденти во вашиот Парламент. Ги прашав моите пријатели во Скопје дали тој сторил нешто нелегално. Тие ми одговорија негативно. Тој воопшто не бил на должност тој ден. Дури воопшто не бил и во Скопје.
Сакам да верувам дека тој не е виновен. И истакнувам дека во ниту еден случај не сакам да се мешам во процедурите на правото и правдата, бидејќи ги почитувам и двете.
Но, со оглед на тоа што имав прилика да го запознаам овој човек, нашето заедничко работење, гледајќи го како се однесува на должност, на топло или студено време, препознавајќи ги неговите човечки вредности, тешко ми е да поверувам на работите за кои е обвинет.
Почитуван премиере, Ве молам да го разгледате неговиот случај, и да му обезбедите на господинот Митко Пешов фер судење, земајќи го предвид неговиот напор за хуманост во време на миграциската криза.
Искрено,