2 Јануари е. Ден по преминот од онаа во оваа година.
Не очекувам да се случи ништо спектакуларно во овој ден.
Одам до продавница. Мамурен сум и наполнет до гуша од сарми, пилешки и руски салати, кифлички и уште по нешто…
Од дома кај мене до продавницата во која секојдневно пазарам нема повеќе од стотина метри. Еве нека се и сто педесет. Секој ден го одам истиот пат, по повеќе пати, бидејќи многу често заборавам уште што требаше да докупам, па морам и да се враќам. Патот до таму е едноставен. Се минува низ еден трговски центар кој никогаш не проработи како што треба, во кој има се’ што е потребно, само уште животот да дојде и се’ ќе биде како што треба. Во една прилика, поткрепено и со фотографија за истиот тој трговски центар ја напишав онаа позната реплика од пиесата „М.М.Е. Кој Прв Почна“ на Дејан Дуковски, која ја изговара Д-р Фалус: „Овде реалноста е илузија во недостаток на алкохол“ и навистина го мислам тоа, и тоа не само за населбата во која живеам тука во Скопје, туку и за целата наша држава.
И додека одев да испазарам најосновни работи за дома: леб, кафе, цигари … налетав на четири многу интересни случки кои се случија за само петнаесетина минути, а се прашања кои и тоа како ја засегаат социјалата на оваа држава.
Првата случка е веднаш штом слегувам долу во бетонските ходници на трговскиот центар. Човек, за мене непознат збори на телефон. Прилично е нервозен. Се дере.
„Зошто мојата ќерка оди на училиште? Зошто ја праќам тука? Одговорете ми! Не, не… немам јас што да гледам. Прашувам едноставно. Просто, најпросто. Зошто ја праќам ќерка ми на училиште? Учи математика, односно плаќате професор по математика, односно, ние го плаќаме, учи историја, македонски, англиски и сѐ тоа е платено од буџетски пари, да бидам појасен од парите на нас граѓаните, што значи и моите. Зошто моето дете доаѓа тука, кога јас дополнително го испраќам на часови по наведениве предмети? Одговорете ми. Зошто земаат / земате плата? …“
Заминувам не го дослушувам разговорот. Налетувам на следната случка.
Седат двајца во локалната биртија. Тука морав застанам на момент и да го слушнам убаво она што едниот му го кажува на другиот. Човеков кој зборува, полупијан, занесно „паметно“ поентира во, веројатно нивната длабока конверзација, која раскажува за литературата и нејзиниот правец. Почнува:
Под еден: кога пишувате, пишувајте така, што кога читателот ќе ве чита, редовите кои одминале и редовите кои му надоаѓаат, да делуваат како да му гледаат директно во очи, во душа, во срце.
Стилот на пишување задолжително сами изберете го, заради убавината на естетиката при изразувањето.
Под два. Не се поистоветувајте со ниту еден поет, писател, уметник. Тоа само ќе ја издаде лажната естетика на вашиот личен исказ.
Под три: Изразувајте се и пишувајте за она што вас ве боли, така првенствено ќе бидете свои, што можеби е и најважно во потрагата за сопствената уметност, второ нема да испаднете кукавици и да бегате од сопствената суштина, пишувајќи за проблемите на другите, за кои всушност ништо не знаете, само мислите дека знаете. Болката на другиот никогаш не ќе ја видиме и почувствуваме, како што никој, нашата не ќе ја види…
И четврто: Да, колку и тоа да не успее, никогаш ме менувајте го. Тоа сте вие.
Заминувам од таму. Налетувам на следната случка.
Во продавницата. На каса човек разговара со касиерот:
„Види друже, предлагам да се одбере еден ден во годината, било кој ден, односно датум кој ќе биде празник попознат и како “Нема повеќе тајни”, така да се вика празникот, исто како книгата на Питер Брук. Го знаеш Питер Брук, така?“
„Го знам.“ одговоара касиерот.
„Одлично. Е, во тој ден, на 24 часа сите 7.000.000.000+ луѓе кои живеат на планетата земја ќе треба да шетаат угол голи како од мајка родени, во знак на протест кон сите оние животни кои го загубиле животот за сметка на тоа некој да се облекува со нивната кожата за да го сокрие сопствениот срам.“
„Супер ти е идејава, ама јас се кладам дека тоа тука нема да помине, мислам тука во Македонија.“ вели касиерот.
„Зошто мислиш така?“ прашува човеков.
„Па човече, на дел од народов наш му беше непријатно да го гледаат споменикот на Прометеј гол во „Жена парк“, па тогашната демохристијанска влада беше принудена овој неморален чин што, кој знае како, им промакнал, да го коригира со дополнителни 6.000.000 денари за да ги задоволи моралните и моногамните жители на својата татковина и, ни помалку ни повеќе, одлучи на споменикот Прометеј во златна боја да му облече гаќи. После тоа, сѐ доби смисла. На тие гол споменик им беше непријатно да гледаат, не па самите да се соблечат. Кај живееш ти бе?“ – поентираше касиерот.
Платив и заминав.
Влегувам кај мене во влез. Пред лифтот стојат двајца што прв пат ги гледам, веќе разговараат на глас. Едниов, кој веројатно одамна не бил тука и се враќа за празниците му вели на другиов:
„Друго што има ново?“
„Слушна ли дека МПЦ се јавила како претприемач и кај и да е ќе почнат да градат згради – шеесет катници на паркингот спроти ГТЦ.
„Шо збориш бе?“
„Да бе.“
„МПЦ ќе гради станбени згради. Добро бе брат, и, еве сега, јас сум некој кој не разбира ништо и на прва читам дека црквата која по задолжение треба на сите оние јавни повици за помош на лица со посебни потреби, болни, изнемоштени, згазени од животот кои не знаат главата кај им е и се надеваат на бога (читај: црквата да им помогне) гледаат дека таа иста верска институција почнува да гради шеесет каници во центарот на глвниот град без око да и’ трепне кој во каква состојба се наоѓа во држава и како и живее, и тоа крева проект вреден околу 3 000 000 евра, да преведам на македонски јазик 180 000 000 денари.
Каков пораз. Каква болка. Какво понижување за цел еден род кој верува. Каков безобразлук. Каков неморал. О, господе, гледаш ли кој се’ работи во твоја служба тука на овоземски живот?“
Дојдов дома. Кој знае како сум изгледал кога влегов штом жена ми ме погледна и ме праша:
„Што ти е бе?“
Седнав на троседот во дневната и реков:
„Овде реалноста е илузија во недостаток на алкохол. Тури по едно дрти мартини“.
фото: В. Љ. Цветановски – „Маало во Аеродром“
Преземање на содржините објавени овде e ЦЕЛОСНО ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.