Второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје ќе се одржи од 25-27 октомври во Кино Култура, организиран од ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи.
Новинарката Кристина Озимец вели дека мотото на овогодинешниот фестивал е „Вистината, лагите и лајковите“ и дека се одлучиле за таа тема која е прилично актуелна во јавноста изминатиов период.
„Првиот ден го отвораме фестивалот со гостување на Џејн Литвиненко од BuzzFeed News, таа ќе ни дојде на гости од Торонто, Канада. Ќе имаме разговор со неa, па продолжуваме со филм за Фејсбук кој се вика „Inside Facebook“, истражувачки документарец за тајните на оваа социјална мрежа. Вториот ден ќе имаме ден посветен на домашната сцена. Ќе имаме две интересни дебати, едната за истражувачкото новинарство во Македонија со новинари пред сè од домашната сцена, односно помлади новинари. Целта ни беше да дојдат да ги видиме нивните проблеми и друго“, вели Озимец.
Истиот ден ќе има и дебата во однос на власта и пиар-от на социјалните мрежи, на кој ќе има и претставник од власта, како и новинари и јавни личности кои ќе дискутираат на оваа актуелна тема, која нè оптоварува во онлајн секојдневието.
„Ќе имаме и истражувачки документарци од Македонија, „Види Вака“ ќе има работилница, и третиот ден имаме гостување на врвни новинари од Германија, интересни дискусии за состојбите таму, состојбата во Европа, состојбата со лажните вести, како да се избориме со дезинформациите“, додава Озимец.
На прашањето дали има некоја промена од изминатата година во однос на новинарството, особено истражувачкото, Озимец вели дека може да се почувствува некакво релаксирање, како и во целокупното општество со самата промена на власта, но како суштински промени во однос на квалитетот на истражувачкото новинарство или квалитетот на медиумите, таа мисли дека нема некоја значајна промена и дека е прерано за тоа.
„Претходно бевме во една девастирана состојба долг период, се функционираше во една доста репресивна атмосфера за медиумите и новинарите, особено за оние кои беа критички настроени кон власта и сигурно е дека е потребно подолг период тоа да се случи, но секако во меѓувреме имаме и нови трендови со новата власт, каде што забележуваме и таму некои тенденции, обиди да се замолкнат одредени гласови или критики. Мислам дека треба уште доста време, но мислам дека повеќе треба да им се даде простор на некои други помлади сили во медиумскиот простор, да дојдат до израз малку повеќе и помладите. Мислам дека има доста луѓе што знаат што прават и кои што сакаат да донесат промени“, вели Озимец.
Таа вели дека Истражувачкиот филмски фестивал дава една шанса да се погледнат медиумите и медиумските феномени од еден друг агол, кој што сепак не е толку присутен во Македонија.
„Ова не е шанса само за луѓето кои се занимаваат со новинарство и медиуми, туку и за помладите луѓе кои што ги интересираат овие теми“, додава Озимец.
Влезот за сите настани е бесплатен. Партнери на ПИНА при организација на фестивалот се Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje Office, со чија поддршка се реализираат настаните во трите фестивалски денови.
Дехран Муратов
обработка на текст: Ангела Петровска
камера и фотографија: Ангела Петровска
монтажа: Ариан Мехмети