Categories

КОСОВО - СРБИЈА Палмер: Северна Македонија добар пример за косовското прашање

Заменик помошникот на американскиот државен секретар, Метју Палмер изјави дека Белгрaд и Приштина во решавањето на косовскиот проблем може да се послужат со примерот на Северна Македонија.

Палмер во интервју за Радио Слободна Европа-БиХ, одговарајќи на прашањето за безбедоносните ризици во регионот и улогата на САД во нивното смирување, кажа дека Вашингтон е посветен на своето партнерство и дека постојат спротивставени ставови во регионот, но и дека се остварени значајни успеси.

„Како еден навистина добар пример за ова, би укажал на Преспанскиот договор, постигнат меѓу Северна Македонија и Грција. Она што го покажа Преспанскиот договор е колку е важно лидерството. Меѓународната заедница тоа не го стори сама. Ние тоа го поддржавме. Ова го постигнаа премиерите и Ципрас и министрите за надворешни работи на двете земји, и двете страни презедоа значителен политички ризик. Изнајдоа компромис и успеаа. И со тоа го отворија патот кон европската иднина за Северна Македонија, десетици членови на Алијансата веќе го ратификуваа договорот за пристап на земјата“, изјави Палмер.

Тој изрази надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука да ги отвори преговорите со Северна Македонија.

„Навистина требаше многу храброст да се постигне овој договор, но таа храброст сега се исплаќа. Се надевам дека лидерите од Белград и Приштина ќе извлечат поуки од овој пример и дека ќе тргнат по патот на компромис и изнаоѓање на добро решение“, порача Метју Палмер.

Тој истата порака ја испрати и до лидерите во БиХ, да преземат одговорност и да бидат подготвени за компромис, но и на ризик, сами ги решат проблемите.

„Ние не можеме тоа да го направиме наместо нив. Ова е лекција што ја научивме од потпишувањето на Преспанскиот договор и сметаме дека навистина може да се примени во целиот регион“, рече Палмер.

На прашањето за се поголемото влијание на Русија и на Кина во регионот, Метју Палмер изјави дека регионот е еден од приоритетите на САД и така и ќе остане.

„Затоа, ние ќе продолжиме посветено да работиме на иднината на овој регион. Мислам дека визијата на САД и на ЕУ за овој регион е различна од визијата на Русија. Ние сакаме да видиме регион кој функционира според правилата, принципите, кој функционира во согласност со институциите и транспарентно. Русија, од друга страна, можеби повеќе сака да го види регионот поделен, фракциониран, во кој владеат тензии. За среќа, визијата што ја делат САД и Европската унија е иста како и визијата на самите земји од Западен Балкан, кои сакаат успех и напредок. Но, се разбира, Русите ќе продолжат со своето делување како и досега, и со нивното негативно влијание, што имавме можност да го видиме кога станува збор за Преспанскиот договор“, изјави Палмер.

За да можеме да сме сигурни дека земјите од Западниот Балкан можат да се спротивстават на овоа малигно влијание однадвор, ние мора да осигураме дека нивните институции се функционални, одговорни, транспарентни и добро управувани, констатираше Метју Палмер.

Print Friendly, PDF & Email